Угостителството и туризмот засега се изјасниле дека не сакаат да се менува постојното решение
Одлуката за тоа за кои сектори недела ќе биде неработен ден ќе се донесе откако бизнис-заедницата и стопанските комори ќе ги дадат своите мислења и предлози, изјави денеска министерот за економија, Крешник Бектеши.
Според Бектеши, засега е разговарано само со угостителите и со компаниите од туристичката дејност, кои, како што рече, сметаат дека не треба да се направат никакви измени. Поради ова, во овие два сегмента до средината на наредната година најверојатно ќе остане да важи постојното законско решение.
Исто така, според Бектеши, во трговијата на мало нема да има никакви измени, односно малопродажните објекти ќе продолжат да работат согласно Законот за трговија, а за измени се размислува во трговијата на големо – големите магацини или маркети, за што има веќе неколку опции кои ќе бидат пратени на разгледување во Владата, а откако ќе биде добиено „зелено светло“ и од коморите, ќе се донесе решение.
„Во моментот сме при крај со анализата. Ќе отвориме дискусија. За туристичките агенции и за угостителите најверојатно ќе остане постоечкото решение до средината на наредната година, а за Законот за трговија се прават неколку опции, посебно за трговијата на големо каде што ќе има одредени измени, но тие нема да се случат веднаш зашто треба да бидат информирани сите бизниси во земјава. Секако, треба првично да бидат информирани и во соработка со стопанските комори да се донесат такви решенија“,
истакна Бектеши.
Од коморите, пак, порачаа да не се брза со одлуката.
Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби Хоџа, рече дека во петокот имал состанок во Владата со вицепремиерот за економски прашања Битиќи и министерката Шахпаска.
„Ги истакнавме нашите барања, да се почитуваат некои правила, делот од бизнисите кои оперираат за викенди да можат да си ја вршат дејноста, но треба да се запази и делот на сите вработени за да имаат еден ден одмор во текот на неделата и тоа да се почитува. Истакнавме и дека не треба да се брза со ова прашање зашто информациите од Министерството за труд ги добивме. Треба да ги разгледаме и да излеземе со наши предлози“,
рече Хоџа.