Иницијативата за средба меѓу македонската и бугарската страна претпоставува таа да се случи на маргините на претстојниот Самит на НАТО во Хаг на 24 и 25 јуни. На него С Македонија ќе ја претставува претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, додека на чело на бугарската делегација ќе биде премиерот на земјата, Росен Желјазков
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека е остварена комуникација со Канцеларијата во Европската комисија во земјава во врска со иницијативата за средба меѓу македонската и бугарската страна и оти има предлог за термин, но се чека на одговор од Софија.

„Имаме комуникација со канцеларијата на Европската комисија и вчера и денес, сè уште немамe повратен одговор. Има предлог термин, да почекаме да се изјаснат од бугарската страна“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали остварил комуникација со претседателот на Советот на Европската Унија Антонио Кошта и дали бугарската страна ќе прифати средба.
Иницијативата за средба меѓу македонската и бугарската страна претпоставува таа да се случи на маргините на претстојниот Самит на НАТО во Хаг на 24 и 25 јуни. На него С Македонија ќе ја претставува претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, додека на чело на бугарската делегација ќе биде премиерот на земјата, Росен Желјазков.
Премиерот Христијан Мицкоски завчера, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека ако има каква било иницијатива за средба меѓу претседателката Сиљановска-Давкова и бугарскиот премиер Росен Желјазков на претстојниот Самит на НАТО во Хаг, тоа треба да се прифати.
Претседателката Сиљановска-Давкова вчера одговарајќи на новинарско прашање изјави дека иако е правило да има средба со својот хомолог (бугарскиот претседател Румен Радев н.з.) не е проблем да разговара и со бугарскиот премиер Росен Желјазков со оглед дека е потврдено оти нејзиниот бугарски колега, претседателот Румен Радев не доаѓа во Хаг.
„Јас за евентуална средба разговарав со господинот Антонио Кошта, негов беше предлогот. Во меѓувреме јас не знам, јас ќе бидам таму ако ми е мене редот. Инаку, се знае, ред е да се разговара со хомологот, но еве нема проблем меѓутоа, не зависи од мене туку зависи од нашите соседи. Се разбира ние сме толку блиску што би можеле и да разговараме и во близина некаде, но предлогот дојде од господинот Антонио и тој сега кога бев јас во Ница ме информира дека нема да дојде господинот Радев на Самитот на НАТО, туку ќе дојде Желјазков“,
рече Сиљановска-Давкова.
Прашана дали е потврдена евентуална средба со Желјазков, претседателката рече дека средбата е предложена од претседателот на Европскиот совет и оттаму треба да дојде потврдата.
„Ако е предложено од европска страна, односно од претседателот на Европскиот совет, оттаму треба да дојде. Инаку јас сум спремна за разговор со господинот Радев. Неколку пати се имаме видено, тој ги знае моите, односно нашите национални ставови, ги знае и господинот Антонио, ги знаат и останатите. Јас секогаш велам дека може да дојде време да дојде до израз европската креативност, која неколкупати сме ја виделе, еве и во овој случај заради доброто на регионот и заради можеби најважниот европски процес во моментов – процесот на проширување“,
изјави претседателката на државата.