Ќе се именуваат и членовите на меѓуресорската државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги
Владата на денешната седница донесе одлука за спроведување вонредни контроли во сите правни лица и објекти кои имаат добиено лиценци за одгледување марихуана за медицински цели.

Со тоа, како што информира владината портпаролка Венера Азизи, се задолжуваат институциите во рамки на своите надлежности да ги преземат сите законски утврдени мерки и активности и да извршат вонредни контроли на сите правни лица кои имаат одобрение за одгледување и производство на канабис за медицински цели на целата територија на државата и во рок од 45 дена да достават извештај до Владата.
Исто така, Владата ќе ги именува членовите на меѓуресорската државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги.
Од 2017 година, откако е формирана, како што рече Азизи, оваа комисија воопшто не била активна и нема резултат.
За таа цел Владата во иднина ќе бара редовни извештај за нејзината работа.
И премиерот Христијан Мицкоски денеска кажа оти очекува на седница на Владата да биде донесена одлука за вршење на проверки во сите правни лица и објекти кои имаат добиено лиценци за одгледување на марихуана за медицински цели. Најави и дека ќе се формира комисија и тим кои ќе извршат детална проверка на работењето на сите субјекти што се занимаваат со оваа дејност.
„Таа комисија ќе го испита работењето и ќе констатира фактичка состојба кои се тие правни субјекти што работеле согласно закон, а кои не и го злоупотребиле или го изиграле законот“,
кажа тој.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со премиерот и дел од раководните структури во МВР денеска преку видеообраќање покажаа дел од марихуаната што изминатата недела се запленуваше на неколку локации во земјата.
Според Тошковски, комисија од Министерството за здравство веќе констатирала оти марихуаната била третирана незаконски односно дека е произведувана, складирана и чувана надвор од оние утврдени протоколи.
