Министерството за транспорт и врски, како и општините Охрид, Струга и Дебрца, имаат задолженија во прецизирани рокови, секој во рамките на своите надлежности, да започнат со отстранување на бесправно изградените објекти за кои се издадени правосилни решенија за отстранување и за кои се обезбедни финансиски средства за отстранувањето
Управата за заштита на културно наследство треба, во посочени рокови, да достави насоки до Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, со што ќе ги дефинира (ограничи) можностите за изградба на нови објекти, надградби и доградби во Старото градско јадро на Охрид

Неколку министерства, општини и институции добија задолженија од Владата за преземање итни мерки за рехабилитација на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.
Мерките се дадени откако Владата на денешната седница ја усвои Информацијата која е дадена од Министерството за култура, а која се однесува на препораките од реактивните мониторинг-мисии на УНЕСКО, потенцирани од Комитетот за светско наследство при УНЕСКО.
Министерството за животна средина и просторно планирање, како што информираат од владината прес-служба, треба да донесе Одлука со која ќе ја задолжи Јавната национална установа – Хидробиолошки завод – Охрид да изработи приоритетна листа на клучни живеалишта од национално и европско значење и листа на статус на видови според IUCN класификација на загрозени приоритетни видови риби, безрбетници и алги во Охридското Езеро.
„Управата за заштита на културно наследство треба, во посочени рокови, да достави насоки до Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, со што ќе ги дефинира (ограничи) можностите за изградба на нови објекти, надградби и доградби во Старото градско јадро на Охрид, имајќи предвид дека членот 59-ѕ од Законот за градење не е правен основ за доградби, надградби и реконструкции во старото градско јадро на Охрид“,
се наведува во соопштението.
Министерството за транспорт и врски, како и општините Охрид, Струга и Дебрца, имаат задолженија во прецизирани рокови, секоја во рамките на своите надлежности, да започнат со отстранување на бесправно изградените објекти за кои се издадени правосилни решенија за отстранување и за кои се обезбедни финансиски средства за отстранувањето.
„Задолжено е Министерството за транспорт и врски, а им се укажува и на Општина Охрид, Општина Струга и Општина Дебрца, сите урбанистичко плански документации да ги доставуваат до Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на мислење уште во фаза на предлог-опфат, односно пред да бидат усвоени од општинската Комисија за урбанизам и инкорпорирани во годишната програма“,
се додава во соопштението.
Министерството за транспорт и врски, во соработка со Капетанијата на пристаништата – Охрид треба да формира Работна група за изработка на анализа на пловила во Охридското Езеро со пресметка и на капацитетот на носивост на пловила во Охридското Езеро.
Во соопштението од владината прес-служба се додава и дека има задолежнија и за Министерството за култура, кое во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Управата за животна средина и Управата за заштита на културното наследство треба да изработи нацрт-верзија на Предлогот на законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.
На 45. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО што се одржа во Ријад, Кралство Саудиска Арабија, Охридскиот Регион го задржува статусот на светско наследство на УНЕСКО.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, во обраќањето во Ријад, рече дека за Охридскиот Регион останува престижниот статус, но остануваат и препораките за негово зачувување. Според Костадиновска-Стојчевска препораките не се лесни и нивното реализирање бара целосно внимание и секој и централната власт и локалната самоуправа и установите и граѓаните да го понесе својот дел од обврските. Таа рече дека обврските се точно адресирани и иако многу работи од препораките веќе се почнати, останува нивната целосна реализација.
На почетокот на февруари 2023 година, македонската национална комисија за УНЕСКО го достави Извештајот во кој земјава требаше да ги убеди Обединетите нации дека презема сериозни чекори за да го заштити Охридскиот Регион, а со тоа и неговиот статус како светско културно наследство. Оваа „игра“ трае веќе шест години, откако уште во 2017 година УНЕСКО заклучи дека во Македонија недостасува елементарна грижа за прашањето.
И во 2019 година во Азербејџан и во 2021 во Кина, на маса беше предлогот Охридскиот Регион да го загуби статусот светско културно наследство и да се префрли на листата – светско културно наследство во опасност. Само поради дипломатија и политика и во двата наврати, УНЕСКО не ја носеше таквата одлука, препорачана од експертите.