Проектот, како што соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, ќе се реализира со заем од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а средствата ќе бидат трансферирани од Владата за Град Скопје во вид на неповратни средства
Со него се предвидува изградба на две линии во Скопје, едната Исток – Запад и втората Север – Југ, набавка на CNG/хибридни нископодни БРТ-возила, патнички информативен систем, паметни станици, како и интеграција во системот на управување со сообраќајот во градот
Владата на денешната редовна седница донела одлука за поддршка на Град Скопје за реализација на проектот за брз автобуски превоз – БРТ, во главниот град.

Проектот, како што соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, ќе се реализира со заем од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а средствата ќе бидат трансферирани од Владата за Град Скопје во вид на неповратни средства.
Инаку, Николоски за одлуката информира преку објава на својот фејсбук-профил, наведувајќи дека Владата преку Министерството за транспорт и Министерството за финансии овозможува силна поддршка на Град Скопје за реализација на проектот за брз автобуски превоз.
Проектот предвидува изградба на две линии во Скопје – едната во правец Исток–Запад и втората Север–Југ, набавка на CNG/хибридни нископодни БРТ-возила, патнички информативен систем, паметни станици, како и интеграција во системот на управување со сообраќајот во градот.
„На денешната седница на Владата ја потврдивме подготвеноста за изградба и воспоставување нов современ градски сообраќаен систем преку кој ќе ги подобриме ефикасноста и економичноста на транспортната мрежа во градот. Проектот предвидува изградба на две линии во Скопје, едната Исток–Запад и втората Север–Југ, набавка на CNG/хибридни нископодни БРТ-возила, патнички информативен систем, паметни станици, како и интеграција во системот на управување со сообраќајот во градот. Проектот ќе се реализира со заем од 70 милиони евра поддршка од ЕБРД, а Владата ќе ги трансферира овие средства во вид на неповратни средства за Град Скопје“,
наведува Николоски.
Рокот за завршување на проектот, како што вели тој во објавата, е февруари 2029 година.
Вицепремиерот и министер за транспорт посочува дека развојот на главниот град ја наметнува потребата од воведување нови сообраќајно-транспортни решенија, кои ќе овозможат поефикасен транспорт за граѓаните.
„Министерството за транспорт во соработка со Град Скопје ќе обезбеди соодветната инфраструктура за овој тип на превоз, а дополнително, со проектот за градски воз и набавката на новите еколошки електрични автобуси, ќе понудиме комбиниран систем на транспорт во Скопје преку кој значително ќе ги подигнеме точноста и ефикасноста на градскиот јавен превоз“,
додава Николоски.
Во врска со владината одлука, исто така, преку објава на социјалните мрежи се огласи и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој напиша дека со одобрувањето на Договорот за имплементација на проект, брзиот автобуски превоз (БРТ) во главниот град станува реалност.
Ѓорѓиевски вели дека станува збор за еден од најзначајните инфраструктурни зафати за модернизација на јавниот превоз и унапредување на мобилноста во главниот град.
Опишувајќи го БРТ, градоначалникот вели дека тој претставува современ систем на јавен превоз кој функционира по принцип на метро на тркала со посебни, одвоени ленти за движење, приоритет на раскрсници и висока фреквенција на возила.
„Овој концепт овозможува побрз, сигурен и предвидлив превоз, значително намалување на метежот и времето на патување, како и намалување на загадувањето, што го прави клучен чекор кон поодржливо и поеколошко Скопје“,
наведува градоначалникот.
Како што додава, со овој договор прецизно се утврдуваат правата, обврските и меѓусебната координација помеѓу Министерството за финансии, Министерството за транспорт и Град Скопје, во текот на целокупната имплементација на проектот.
„Договорот ги регулира механизмите за управување со средствата од заемот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), формирањето и функционирањето на Единицата за имплементација на проектот, како и обврските за навремено обезбедување на сите административни, технички и финансиски предуслови. Средствата од заемот на ЕБОР, во износ од 70 милиони евра, ќе се пренесат на Град Скопје како неповратни средства и ќе се користат исклучиво за реализација на проектот. Договорот предвидува јасни процедури за повлекување на средствата, управување со посебните сметки, како и обезбедување на сите неопходни дозволи, одобренија и документација за непречено спроведување на активностите“,
наведува Ѓорѓиевски, додавајќи дека договорот за имплементација веќе е одобрен од Европската банка за обнова и развој.
Ѓорѓиевски, во објавата, посебно му се заблагодарува на премиерот Христијан Мицкоски за, како што вели, силната поддршка, како и за процесот за набавка на 100 нови еколошки автобуси.
„Сакам искрено да изразам благодарност за оваа поддршка и на министерот за транспорт Александар Николоски, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, затоа што токму ваквите одлуки значат вистинска грижа за граѓаните и нивното секојдневие. Ова е инвестиција во квалитетен живот, во почист воздух и во достоинствен јавен превоз“,
вели градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
