На територија на целата држава се прогласува седумдневна жалост
Со една од одлуките на денешната владина седница се задолжува Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во наредните три дена да изврши вонреден инспекциски надзор врз угостителски објекти – кабареа, ноќни клубови, дискотеки и дискотеки на отворено на територија на целата држава и веднаш да ја информира Владата за наодите
Владата попладнево одржа вонредна седница на која донесе неколку одлуки и заклучоци во врска со несреќата во дискотеката во Кочани во која, според последниот биланс, загинаа 59 лица, а над 150 се повредени.

Со одлука на Владата, на територија на целата држава се прогласува седумдневна жалост. Во оваа смисла, од Владата предупредуваат на ригорозни казни во случај на непочитување и непридржување до оваа одлука. Додека траат деновите на жалост, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе биде отворена книга на жалост за, како што посочуваат од Владата, огромната несреќа.
Со една од одлуките донесени на денешната владина седница се задолжува Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во наредните три дена да изврши вонреден инспекциски надзор врз угостителски објекти – кабареа, ноќни клубови, дискотеки и дискотеки на отворено на територија на целата држава. За наодите од надзорот, ДПИ мора веднаш да ја извести Владата за да се утврди, како што велат оттаму, дали работат согласно стандардите и законот.
Дополнително, Владата донесе заклучок за активирање на механизмот за барање на меѓународна помош.
„Воедно, Владата ја информира јавноста дека во соработка со Министерството за внатрешни работи и другите институции надлежни за целосно расчистување на случајот се прибираат материјални докази и дека секој еден којшто е инволвиран во овој трагичен настан и свесно придонел за загрозување на човечките животи ќе биде изнесен пред органите на правдата и соодветно ќе одговара. Никој не е над законот“,
се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на Владата.
Владата изрази сочувство до семејствата на загинатите, додавајќи дека целиот здравствен и медицински тим во сите здравствени установи е на располагање за давање нега и помош за повредените во несреќата.
„Воедно, во овие исклучително тешки и тажни моменти за целиот македонски народ, замолуваме да не се политизира случајот, за институциите да можат навремено и соодветно да го расветлат случајот. Ниту една информација нема да биде скриена од очите на јавноста“,
додаваат од Владата.