СОНК бара следење на процентот на пораст на минималната плата, односно за 18,4 проценти да се зголемат платите за потоа да се изнајде системско решение и во иднина да не се протестира секогаш кога ќе се зголемува минималната плата
Владата денеска преку соопштение го охрабрува Синдикатот да го продолжи дијалогот за изнаоѓање на трајно решение за раст на платите во образованието, на вториот ден од штрајкот што во училиштата и градинките го организира СОНК.
Нагласуваат дека барањата треба да бидат реални и да произлегуваат од чувството што го налага моментот.
„Растот за платите за вработените во образование и во градинките е во времето на оваа влада и колективниот договор потпишан 2019 година во јуни. Дебатата за новиот колективен договор е шанса за трајно решавање на континуираниот раст на платите. Владата е отворена за дијалог за постигнување систем за раст на платите кој нема да биде условен и предизвикуван од штрајкови и незадоволства. Заедно да најдеме модел за раст кој како со договорот за минималната плата ќе се врзе за порастот на просечната плата и со порастот на трошоците за живот“,
велат од Владата.
Во соопштението се потсетува дека платите на вработените во образованието и во детската заштита во периодот од 2017 до 2022 година се зголемени за 21 процент и според тоа наставник во основно образование, како што се наведува, зема плата од 24 786 денари, што е зголемување за 3 267 денари плус минат труд, а наставник во средно образование зема плата од 25 642 денари и таа е зголемена за 4 353 денари, плус минат труд.
Од Владата појаснуваат и дека во истиот период, со воведувањето на новата методологија за пресметка беше постигнато најголемото зголемување на платите на вработените во градинките.
„Во 2017 година негувател/ка во градинка земаше 14 493 денари плата. Во 2022 година, просечно исплатена плата за месец февруари на негувател/ка е 19 560 денари плус минат труд. Разликата е 5 067 денари повеќе на сметката на овие вработени, плус додатокот за минат труд. Платата на воспитувач/ка во градинка во 2017 година изнесувала 19 200 денари, додека во 2022 година, 25 642 денари плус додатокот за минат труд. Зголемувањето овде е 6 442 денари, плус минатиот труд“,
се наведува во денешното соопштение од Владата.
СОНК бара следење на процентот на пораст на минималната плата односно за 18,4 проценти да се зголемат платите за потоа да се изнајде системско решение и во иднина да не се протестира секогаш кога ќе се зголемува минималната плата.
Од Владата во повеќе наврати досега истакнаа, а и вчера министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска повтори дека во овој момент покачувањето од 18,4 отсто на платите колку што го бара СОНК не е соодветно во време на економско-енергетска криза, кога Владата изминатиов период ја донесе минималната плата, ги покачи пензиите и донесе пакет антикризни мерки.
„Моментумот за покачување на платите од 18,4 отсто не е реален,“
рече Тренчевска во дебатата на Телма, на која присуствуваше и првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, и министерот за образование Јетон Шаќири.
Тренчевска рече дека социјалниот дијалог со синдикатите треба да продолжи се додека не се најде соодветно решение и дека две средби се малку за решавање на толку важно прашање.
