Владината мерка за 14 500 денари помош, која важеше за април и мај, постои можност да важи и за јуни по истите критериуми. Предлог-уредбата е на дневен ред на денешната владина седница, најави министерката за финансии Нина Ангеловска на денешната прес-конференција.
„Случувањата, анализите и очекувањата ни даваат за право и простор да цениме дека постои можност за продолжување на мерката за уште еден дополнителен месец, односно да важи и за јуни по истите критериуми. Денеска Генералниот секретаријат ќе предложи предлог-уредба до Владата за за која ќе се одлучува на денешната седница“,
рече Ангеловска одговарајќи на новинарско прашање.
Според податоците на Министерството за финансии, за првиот месец од воведување на мерката исплатени се околу 30 милиони евра, за вториот месец ќе биде нешто под 30 милиони, бидејќи аплицирале 1 000 компании помалку, додека 18 000 се преклопуваат во првиот и вториот месец, а има и 2 500 нови компании кои аплицирале за поддршка само за вториот месец.
Со продолжувањето, како што објасни Ангеловска, се дава поголема флексибилност на сите оние кои во третиот месец имаат тешкотии, поголеми падови на приходите од 30 отсто, да се помогне да го надминат овој период со фокус да ги задржат работните места и да ги исплатат платите. Проценката е дека за третиот месец ќе биде нешто под 30 милиони евра, ако имаме предвид дека дел од компаниите се реотворени, и можеби работат со помал капацитет.
Според Управата за јавни приходи, во април поддршка со мерката од 14 500 денари имало за 21 215 компании, додека во мај 20 507 фирми.
