Министерот за економија Крешник Бектеши информира дека во моментов се разгледуваат сите опции – дали треба да се продолжи кризната состојба или не, а меѓу другото додаде и дека Министерството за економија предлага да нема директно замрзнување на цените за кое вчера и премиерот Ковачевски посочи оти не е одржливо
Владата на денешната седница ќе го разгледа ребалансот на Буџетот, но ќе расправа и околу потребата од евентуално продолжување на кризната состојба, информира денеска министерот за економија, Крешник Бектеши.
Бектеши апелира граѓаните да не стравуваат оти, како што рече, земјава располага со сите прехранбени производи во доволни количини.
„Во моментот Комисијата ги разгледува сите опции – дали треба да продолжи кризната состојба или не, ако треба да се продолжи или тоа се предлага од институциите, тоа треба да го направи Собранието. Ние ќе предвидиме средства, тоа е наша обврска, да се подготвиме навреме ако продолжи кризата во Украина“,
истакна Бектеши.
Според Бектеши, Министерството за економија предлага да нема директно замрзнување на цените, за кое вчера и премиерот Ковачевски посочи оти не е одржливо.
Министерот за економија повтори дека со ребалансот се предвидени кратења на трошоците во институциите за да има средства за креирање мерки кои би ги заштитиле граѓаните и стопанството.
Во врска со тоа дали антикризните мерки кои ги донесе Владата за справување со кризата, а кои траат до 31 мај ќе продолжат и натаму, вчера премиерот Ковачевски посочи дека во моментов Владата заедно со Министерството за финансии и во Министерството за економија прават анализи за тоа кои мерки ќе продолжат и по 31 мај, а кои мерки нема да продолжат и натаму.