Одлуки донесени без образложение, спротивно на правилата и надвор од пропишаната процедура го нарушуваат меѓународниот углед на државата и не го обезбедуваат легитимитетот на избраниот кандидат, велат од Блупринт-групата за реформи во правосудството – неформална мрежа на шест граѓански организации
Обвинителката Ленче Ристоска, како една од тројцата кандидати, денеска објави дека два месеци била под притисок да ја повлече кандидатурата за судија во судот во Стразбур, додека истовремено се одвивала „клеветничка кампања“ против неа

Блупринт-групата за реформи во правосудството ја повикува Владата да објасни зошто ја поништи листата на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права и донесе одлука за основање на нова комисија за одново повторување на постапката за избор на кандидати.
За потсетување, Владата одлучи да не ја прифати листата од тројца кандидати за судии во Стразбур, на која два месеци работеше комисија формирана токму од Владата. Потоа падна одлука да се формира и нова комисија.
Неформалната мрежа на граѓански организации цени дека ваквиот владин потег е загрижувачки, а појаснуваат и дека освен што процесот бил нетранспарентен, спорна е и постапката.
Објаснуваат дека со Одлуката за основање на комисија за избор на кандидати на Република Северна Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права е пропишана постапката за избор, Комисијата распишува оглас за избор на кандидати, спроведува постапка за избор, доставува предлог за избор на 3 кандидати до Меѓународниот советодавен панел на експерти на Совет на Европа за обезбедување на мислење од аспект на тоа дали кандидатите ги исполнуваат критериумите пропишани од Совет на Европа, а по добиеното мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти, Комисијата доставува предлог листа на 3 кандидати до Владата на РСМ.
Откако Владата ќе ја усвои оваа предлог листа, Комисијата е должна истата да ја достави до Парламентарното Собрание на Совет на Европа.
„Со оглед дека не е добиено мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти, а Владата донесе одлука за поништување на предлог листата без никакво образложение, останува нејасно и сомнително зошто e донесена таква одлука, која целосно го поткопува принципот на владеење на правото, а воопшто не даде образложение на истото. Имено, се поставува прашањето на кој начин Владата утврди дека тројцата кандидати не ги исполнуваат условите и критериумите предвидени во јавниот оглас и во правилата на Советот на Европа, со оглед дека токму Комисијата формирана од самата Влада претходно спроведе постапка и интервјуа и утврди листа од тројца кандидати кои ги исполнуваат сите предвидени критериуми“,
се вели во реакцијата на Блупринт-групата.

Тие посочуваат дека со овој потег, Владата го доведува во прашање легитимитетот на постапката, но и дека укажува на нетранспарентно и потенцијално политизирано мешање во процесот кој мора да биде стручен, непристрасен и базиран на јасни критериуми.
„Во демократска држава, особено при избор на судија во еден од најважните меѓународни судови за заштита на човековите права, владеењето на правото, транспарентноста, и почитувањето на процедурите мора да бидат водечки принципи. Одлуки донесени без образложение, спротивно на правилата и надвор од пропишаната процедура го нарушуваат меѓународниот углед на државата и не го обезбедуваат легитимитетот на избраниот кандидат“,
велат оттаму.
Неформалната мрежа на граѓански организации посочува дека правилата на Советот на Европа кои се однесуваат на изборот на судија во ЕСЧП се детално прецизирани и меѓу другото бараат:
– повикот за кандидатури треба да биде јавен и широко распространет;
– треба да се овозможи разумен период за поднесување на апликации;
– секое отстапување од препораката на телото за селекција треба да биде оправдано со упатување на критериумите за утврдување на листите на кандидати
„Изборот на судија во ЕСЧП не е политичка одлука, туку тест за правна зрелост и демократски капацитет…Сметаме дека на овој начин не само што се дискредитираат кандидатите од предложената листа за судија во ЕСЧП, туку се дискредитира и работата на самата Комисија која беше составена од претставници од правосудството и се фрла сомнеж дека и при ваква транспарентна и селективна постапка спроведена на ефикасен начин сепак Владата без конкретно и јасно објаснување не прифаќа предложени кандидати за судии. Со овие одлуки на Владата на РСМ дополнително се поткопува и така кревката доверба на граѓаните во правосудството особено за ваков битен процес за номинирање на кандидати за судија во ЕСЧП“
стои во реакцијата.
Оттаму додаваат и дека почитувањето на законите и постапките кои се предвидени согласно законските регулативи треба да бидат единствен императив и стандард преку кој се гарантира владеење на правото.
Блупринт група за реформи во правосудството ја сочинуваат: Институт за човекови права (ИЧП), Институт за европска политика (ЕПИ), Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС), Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Хелсиншки комитет за човекови права и Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА).
Македонската влада ја почна постапката за избор на кандидати за судија во Стразбур во првото тримесечје од годинава, затоа што во февруари следната година истекува мандатот на актуелниот македонски судија во Стразбур, Јован Илиевски.
Тој е поранешен шеф на ОЈО за ГОКК, универзитетски професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и баџанак на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.
За позицијата се кандидираа обвинителката Ленче Ристоска, судијката од Апелацискиот суд, Габриела Гајдова, и адвокатот Јордан Апостолски.
Обвинителката Ленче Ристоска вели дека два месеци била под притисок да ја повлече кандидатурата за судија во судот во Стразбур, додека истовремено се одвивала „клеветничка кампања“ против неа.