Задолжителното носење заштитна опрема (маска, марама или шал) на устата и носот, во сите јавни објекти како државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, јавен превоз, чекални, здравствени институции и слично и на отворени простори кога не може да се одржува минимална дистанца од два метри меѓу граѓаните и натаму е во сила и секое непочитување повлекува казна, потсетуваат од Владата.
Од друга страна, заштитна опрема не е задолжителна за граѓаните кои престојуваат во двор на станбена семејна куќа, возат велосипед или спортуваат на отворено, (но со задолжително одржување на дистанца од два метри растојание), ако патуваат во моторно возило со лица кои заедно живеат, како и ако се наоѓаат на отворено каде може да одржуваат дистанца од два метри.
Според Уредбата за носење заштитна опрема, од 30 април казните за непочитување на оваа мерка се од 20 евра за физичките лица, и од 2 000 евра за компаниите каде што не се почитуваат мерките за носење заштитна опрема за вработените и посетителите.
*Поврзана вест: (ВИДЕО) Кои маски се најсоодветни, каде и како да се носат, какви се европските искуства
Исто така, од Владата потсетуваат дека во сила е и забраната за групирање на повеќе од две лица на јавни површини, при што во група од двајца не се вбројуваат децата под 14 години на тие лица, но овој исклучок важи само за термините кога е дозволено движење на млади лица, надвор од полицискиот час.
