„Несериозно е да се ставаат во ризик и да им се прави штета во личниот развој на децата кои треба да го продолжат образованието, да се запишат во средните училишта, да полагаат матура и да се запишат на факултетите во земјава и странство“, стои во владината реакција, откако СОНК ја одби понудата за зголемување на платите во секторот образование и детска заштита за 10 отсто
Од Владата додаваат оти според понудата за зголемување на платите за 10 отсто во градинките и училиштата кое би се обезбедило со ребаланас на Буџетот, вработените во овие сектори би добивале просечно зголемување на месечните приходи за 2 500 денари – предлог кој беше одбиен од 95 проценти од синдикалните организации при СОНК
Владата ја оцени како неодговорна и несериозна одлуката на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) за продолжување на генералниот штрајк во градинките и училиштата и одбивање на понудата за зголемување на платите во секторот образование и детска заштита за 10 отсто. Оваа одлука, како што претходно денеска истакна претседателот на СОНК, Јаким Неделков, ја одбиле 95 проценти од синдикалните организации при СОНК.
Со одлуката на СОНК, која попладнево беше презентирана од претседателот на Синдикатот, Владата смета оти се руши воспоставениот образовен процес во услови на економска и здравствена криза.
„Со продолжувањето на штрајкот и одбивањето на понудата на Владата со која се отвора простор за трајно решавање и подобрување на стандардот на вработените во образованието, ризикот за продолжување на училишната година е особено извесен. Во овој контекст, несериозно е да се ставаат во ризик и да им се прави штета во личниот развој на децата кои треба да го продолжат образованието, да се запишат во средните училишта, да полагаат матура и да се запишат на факултетите во земјава и странство“,
стои во писменото соопштение од Владата.
Дополнително, како што додаваат од Владата, согласно Законот за работни односи и Колективниот договор за основнoто, средното образование и за градинките, на вработените кои штрајкуваат ќе им се исплатат само придонесите на платите.
„Ова произлегува од одлуката на СОНК да организира и одржува генерален штрајк за унапредување на правата на работниците, а во периодот од шест месеци од донесувањето односно зголемувањето на минималната плата. Законската обврска за усогласувањето е шест месеци од донесувањето, односно зголемувањето на минималната плата и Владата, а министерствата и СОНК сѐ уште преговараат во овој законски предвиден рок“,
се наведува во владиното соопштение.
Од Влада додаваат оти според понудата за зголемување на платите за 10 отсто во градинките и училиштата кое би се обезбедило со ребаланас на Буџетот, вработените во овие сектори би добивале просечно зголемување на месечните приходи за 2 500 денари – предлог кој беше одбиен од 95 проценти од синдикалните организации при СОНК.
Дополнително, додаваат од Владата, Синдикатот треба да има верба во институциите, бидејќи и претходно низ партнерски дијалог беше постигнато зголемување на платите на наставниците и на вработените во градинките од 21 процент.
„Со ова зголемување платата на наставник/чка во основно образование е порасната за над 3 200 денари плус минат труд и сега е најмалку 24 786 денари. На наставник/чка во средно образование зголемувањето е над 4 300 денари плус минат труд и просечно платата е 25 874 денари. На воспитувачите пак во градинките платата им е зголемена за околу 6 400 денари плус минат труд, додека на негователите за околу 5 000 денари“,
истакнуваат оттаму.