Владата на денешната седница ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести за полициски час од 21 часот, со исклучок на Велигден и Рамазан, како и тоа да се отворат терасите на кафулињата и рестораните, но не и фитнес-центрите и салите за вежбање
На денешната седница Владата ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести во однос на мерките за заштита и спречување на ширењето на ковид-19.
Според тоа, од утре, 28 април (среда), забраната за движење на населението и на возила од јавен превоз на целата територија на државата, наместо од 20, ќе важи од 21 до 5 наредниот ден.
Исклучок од забраната и посебниот режим на движење се вечерните часови меѓу 1 и 2 мај, односно за време на верскиот празник Велигден, и вечерта меѓу 13 и 14 мај за време на верскиот празник Рамазан бајрам.
Другите мерки се:
– од 28 април сите угостителски објекти ќе можат да работат само во отворените делови, односно на терасите на угостителските објекти и тоа до 20:30 часот;
– компаниите од угостителската дејност регистрирани за прослави (свадби, родендени, крштевки и слично) ќе можат да ја организираат работата само како ресторани на отворено, односно на терасите, но нема да можат да организираат свадби, родендени, крштевки и слично;
– угостителските објекти на меѓународните аеродроми, како и во објектите за сместување (хотели, мотели, хостели, пансиони и друго) за лицата кои се сместени во овие објекти, кои остануваат да работат како и до сега.
Комисијата за заразни болести смета дека треба да остане забраната за работа на сите вежбални, фитнес-клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање во затворен простор, а дејноста може да ја извршуваат на отворен простор, согласно соодветниот наменски протокол.