Владата ги повикува надлежните компании, градските и општинските власти итно да постапат според своите надлежности и да обезбедат топлинска енергија за домовите на граѓаните на Град Скопје.
Велат дека Владата ги помага и граѓаните, и општините, и Градот Скопје, но кога се во прашање финансиски обврски кон давателите на јавни услуги, први повикани се надлежните локални власти.
Оттаму нагласуваат дека во текот на следната недела ќе се разгледуваат можности за дополнителна помош, но едностран раскин на договорните обврски и прекин на греењето на штета на граѓаните и домаќинствата во зимски услови, како што велат од Владата, не може да биде ниту оправдано ниту прифатливо.
Претходно граѓани на Скопје, пред сѐ од Скопје Север и Топанско Поле, со реакции до медиумите се пожалија дека се без парно или греењето е многу слабо.
Согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, цената парното греење во Скопје од овој месец е зголемена за 14 отсто.