По одлуката на Уставен, од Владата велат дека се разгледуваат можностите за намалување на коефициентите за пресметка на плата кај именуваните лица за кои има законска можност. Апелираат и до другите да го направат тоа. Исто така, нагласуваат дека се работи и на решение за општ колективен договор и на Законот за плати, со што ќе се направи системско решение и ќе се утврди методологија за раст
Одлуката на Уставниот суд, со која се укинуваат одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, е конечна и треба да се почитува. Но, тоа не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица за 78 проценти, како што шпекулира дел од јавноста.
Ова е дел од одговорот на Владата за државната агенција МИА во однос на вчерашната одлука на Уставен која предизвика реакции во јавноста по информациите дека таа во пракса ќе значи енормно зголемување на платите на претседателот, премиерот, министрите, градоначалниците и други функционери.
Владата претходно ја замрзна основицата по која се пресметува платата на функционерите. Основицата, инаку, е предвидена да се определува според просечната плата во државата и за да се дојде до платата што ја земаат избраните и именувани лица, таа се множи со коефициент.
Од Владата потсетуваат дека токму тие го направиле „замрзнувањето“ на основицата за пресметување на платите и го бранеле пред Уставен, кој сепак одлучи да го укине.
Сега, велат, се разгледуваат можностите за намалување на коефициентите за пресметка на плата кај именуваните лица за кои има законска можност. Апелираат и до другите да го направат тоа.
„Воедно, апелираме и да не се шпекулира и да се прибегнува кон популистичка реторика и активности, да се разговара реално и со факти“,
велат од Владата.
Дополнително, информираат, во моментов се работи на решение за општ колективен договор и Закон за плати, со што ќе се направи системско решение за платите во јавниот сектор и ќе се обезбеди континуиран раст согласно утврдена методологија.
„Во моментов и минималната и просечната плата, како и висината на пензиите се на највисоко ниво досега и ние и понатаму ќе работиме и на зголемување на платите и пензиите, но и на намалувањето на трошоците за живот, со цел да обезбедиме повисок животен стандард за граѓаните. Секој граѓанин треба да живее достоинствено и да е му се вреднува трудот согласно квалификациите, обемот и комплексноста на работата која ја работи или работел“,
додаваат од Владата.
Одлуката за укинување на „замрзнувањето“ на растот на основицата Уставен ја донесе на седница на 21 март и во објаснувањето наведе дека тоа е со оглед што всушност постојат две норми за определување на основицата – едната, основицата да биде со фиксен износ, а другата, таа да се определува според просечната плата во државата.
„Уставниот суд смета дека во случајот, постои двојство во уредувањето на прашањето за основицата на платата на избраните и именуваните лица, што претставува неконзистентност во законското уредување на оваа материја. Судот утврди дека истовремено постојат две норми, односно две правни правила за утврдување на основицата на платата опфатени во еден ист закон, односно едното е член 11 од Законот, според кое основицата се определува според просечната плата остварена во претходната година, што ја утврдува Државниот завод за статистика, а второто правило е оспорената одредба од член 4 во кој основицата е утврдена во фиксен износ од 25 726 и која со усогласувањето од четири отсто (предвидено со второспорената одредба) изнесува 26 755 денари, што е всушност основица која е моментално во сила, односно примена“,
пишува во соопштението од Уставен.