Владата ги усвои измените и дополнувањата во Кривичниот законик, со кои меѓудругото, нападот врз новинар, снимател или фоторепортер ќе се третира исто како напад врз службено лице.
Со другите измени што се предлагаат како дополнувања на Кривичниот законик се предвидува ново кривично дело „демнење“ за да се обезбеди заштита на жените од сексуално и секакво друго вознемирување преку каналите за комуникација вклучувајќи и преку интернет.
Со предложените измени на Законот за граѓанска одговорност е предвидено значително намалување на сумата којашто ќе ја плаќаат новинарите за изгубен спор за клевета или навреда од сега предвидените 2 000 евра на максимални 400 евра.
На оваа своја седница Владата го утврди текстот на Предлог-законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела, како и измените и дополнувањата на Законот за заштита на физичките лица во врска со обработката на личните податоци заради цели на спречување, истрага, откривање или гонење на кривични дела или за извршување на кривични санкции, на Законот за Академија на судии и обвинители каки на Законот за парнична постапка.