По белорускиот опозиционер Тихановски, на затворски казни се осудени уште пет други опозиционери кои се обвинети за организирање масовни немири
Белорускиот суд вчера изрече долги затворски казни за неколку опозиционери и критичари на режимот на претседателот Александар Лукашенко, откако на опозицискиот лидер и видеоблогер, Сергеј Тихановски, му беа пресудени 18 години затворска казна поради организирање немири.
Вчера беа изречени пресуди и за други опозиционери, меѓу кои е уште еден видеоблогер, Ихар Лосик, кој е осуден на 15 години затвор. Четворица други се осудени на затворски казни од 14 до 16 години.
Обвинетите, кои се во притвор од нивното апсење, се товарат за разни наводни кривични дела, меѓу кои организирање масовни немири, поттикнување нетрпеливост, попречување на работата на Централната изборна комисија и организирање активности кои го нарушуваат општествениот поредок.
По изречените казни, западните земји ги критикуваа одлуките.
Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, остро ја осуди казната против лидерот на белоруската опозиција, Сергеј Тихановски.
„Ги земав предвид скандалозните казни против Сергеј Тихановски и другите, Тие се срам за владеењето на правото и меѓународните обврски на Белорусија“,
изјави Аналена Бербок на прес-конференција за време на посетата на Стокхолм.
Шефот на американската дипломатија, пак, Ентони Блинкен, по изрекувањето на казните, повика да се стави крај на „тешката репресија“ во Белорусија.
„Ниту едно од овие лица, ниту белорускиот народ, не заслужуваат да трпат таква тешка репресија“,
се наведува во изјавата на државниот секретар Блинкен.
Европската унија, исто така ги осуди вчерашните пресуди.
Портпаролот на европскиот министер за надворешни работи, Петер Стано, изјави дека ЕУ подготвува нови санкции против Белорусија поради „неоснованите“ и „строги“ казни изречени за шестмината опозиционери.
„Овие пресуди се нови примери на неосновани обвинувања против белоруските граѓани, кои го искористија своето право да се изразат и побараа слободни и рамноправни избори“,
рече портпаролот Петер Стано.
За него, пресудите се „брутална и систематска репресија на сите независни гласови во Белорусија“ и дека ЕУ силно ги осудува постојаните прекршувања на човековите права и основните слободи од режимот во Минск.
По претседателските избори во 2020 година на кои Александар Лукашенко го освои шестиот мандат, беа организирани масовни протести поради непризнавање на победата на Лукашенко. Десетици илјади луѓе беа приведени, а активистите за човекови права велат дека повеќе од 800 луѓе се сметаат за политички затвореници.