Во рамките на шестиот пакет антикризни мерки, Владата донесе одлука за еднократна парична помош од 30 750 денари по лица за 745 естрадни уметници кои ги исполните условите.
Предвидени се да се одвојат 23 милиони денари од буџетот за помош на естрадните уметници кои беа погодени од корона-кризата.
„На јавниот повик за финансиска поддршка на естрадни музичари, кој го објави Генералниот секретаријат на Владата, а кој се спроведе во соработка со Министерството за економија и Министерството за култура пристигнаа вкупно 1 633 апликации, а по вкрстувањето на податоците од Министерството за труд и социјална политика, Управата за јавни приходи, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и официјалните списоци од Здруженијата на естрадни уметници, се утврди дека критериумите за добивање на финансиска поддршка ги исполнуваат вкупно 745 лица“,
информираат од Владата.
Критериумите кои естрадните уметници требаше да ги исполнат за да добијат еднократна финансиска помош е да имаат пополнето годишна даночна пријава, да не се корисници на пензија, просечните месечни приходи да не надминуваат 15 000 денари, да не користат некоја од редовните програми за социјална помош на Министерството за труд и социјална политика и да бидат членови на некое од регистрираните здруженија на естрадни уметници.
„Во спроведувањето на оваа мерка, Владата на Република Северна Македонија континуирано комуницираше со сите регистрирани здруженија на естрадни уметници во земјата, при што се разменија идеи за формирање на комора на естрадни уметници, со цел да се систематизира и стави во определена рамка оваа дејност, со што комората би издавала лиценци за работа на естрадните уметници и на тој начин би се создал ефективен и конкурентен пазар, би се намалила сивата економија и системски ќе се надминуваат проблемите со кои се соочуваат естрадните уметници“,
велат од Владата.