Вкупно 1 427 пациенти, кои имаат компликации од ковид-19, се хоспитализирани низ болниците во Скопје и другите градови. Во изминатите 24 часа во ковид-центрите само во Скопје се хоспитализирани 79 нови пациенти поради компликации од коронавирусот.
„Во изминатите 24 часа дома се пуштени 64 оздравени пациенти. Во моментов во ковид-центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваат 276 пациенти. Во ГОБ ‘8 Септември’ има вкупно 119 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 133 пациенти, додека на Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 36 лица. На Клиниката за Детски болести има 21 пациент позитивен на ковид-19 вирусот и 7 на ГАК“,
информираат од Министерството за здравство.
По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 86 пациенти позитивни и сомнителни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 60 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 35 пациенти, во Велес се лекуваат 71 болни, а во Куманово 116 пациенти позитивни и сомнителни на ковид-19.
Во Охрид има хоспитализирано 94 пациенти, во Прилеп 120, во ковид-центарот во Гостивар 38, а во Струга 12 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 71 пациенти, во Кочани 17 во Кичево 17, Кавадарци 73, а во Гевгелија 25 лица, позитивни и сомнителни на корона вирусот.
„Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1 427 и има околу 270 празни болнички кревети во ковид-центрите. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени“,
велат од Министерството.
