„В четврток ќе бидат доставени избирачките списоци и сите гласачки ливчиња до сите општински изборни комисии, додека в петок ќе бидат доставени уредите за биометриска идентификација од страна на нас, како членови на ДИК, заедно со вработените и сите други лица што се овластени и ангажирани од ДИК до сите општински изборни комисии во државата“, вели претседателот на ДИК, Борис Кондарко
Локалните избори што ќе се одржат в недела на 19 октомври ќе ги следат 1 341 набљудувач, од кои 700 се домашни и 639 се меѓународни, како и двајца странски новинари, информираа на денешната 144. седница на Државната изборна комисија (ДИК).
Оттаму велат дека е во тек достава на недоверливиот изборен материјал до сите општински комисии, а в четврток и в петок ќе се доставува и доверливиот изборен материјал.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, рече дека доставата на доверливиот изборен материјал се врши под целосно и постојано обезбедување од страна на Министерството за внатрешни работи (МВР), според однапред усвоен и предвиден план.
Материјалот ќе биде соодветно чуван и обезбедуван и пред денот на гласањето, по гласањето, транспортот до општинските изборни комисии и ДИК.
„В четврток ќе бидат доставени избирачките списоци и сите гласачки ливчиња до сите општински изборни комисии, додека в петок ќе бидат доставени уредите за биометриска идентификација од страна на нас, како членови на ДИК, заедно со вработените и сите други лица што се овластени и ангажирани од ДИК до сите општински изборни комисии во државата“,
рече Кондарко.
Според него, по објавување на првичните неофицијални резултати добиени по електронски пат, што ќе се објавуваат сукцесивно во живо во текот на изборната вечер, по завршување на гласањето и наредниот ден, во понеделникот, ДИК направи план за прием и достава на оригиналниот изборен доверлив материјал, сите записници од избирачките места и сите записници од утврдувањето на резултатите од гласањето од страна на општинските изборни комисии.
В понеделник, на 20 октомври, од раните утрински часови во определени групи ќе доаѓаат општинските изборни комисии и ќе ги предаваат оригиналните записници во ДИК, по што ќе биде организирана соодветна проверка.
Кон крајот на денот, односно в понеделник навечер, ДИК ќе ги објави и првичните официјални резултати врз основа на писмените оригинални записници од секое избирачко место и од секоја општинска изборна комисија.
На денот на изборите, ДИК на секои два часа ќе ја соопштува излезеноста на гласањето по општини.
На седницата е соопштено и дека барање за 30 набљудувачи има од амбасадата на САД во Скопје, а Турската државна телевизија имала барања за двајца новинари. Здружението „Вејк ап“ бара дополнување од 51 набљудувач, Националниот ромски центар и сојузот Национален совет за родова рамноправност барале дополнување со по еден набљудувач.