Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид-пациенти
Вкупната бројка на пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 194 и има околу 530 празни болнички кревети во ковид-центрите.
Во ковид-центрите во Скопје за 24 часа се хоспитализирани 5 пациенти, а вкупно се лекуваат 71 болен сомнителен и потврден на ковид-19 на инфективните одделенија во главниот град.
Во последното деноноќие, на Институтот за ТБЦ имало еден прием.
Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ имало два примени пациенти и пет биле примени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден.
Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 80 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.
На инфективните одделенија во земјава се лекуваат 123 пациенти. По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 17 пациенти, позитивни и сомнителни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 14 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 4 пациенти, во Велес се лекуваат 13 болни, а во Куманово 24 пациенти позитивни и сомнителни на ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 20 пациенти, во Прилеп 10, во ковид-центарот во Гостивар 3, а во Струга 8 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 7 пациенти, во Кичево 2 и во Кавадарци и во Гевгелија нема хоспитализирано лица позитивни и сомнителни на корона вирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.
Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид-пациенти.