Со оглед дека Османи не доби 80 гласа во првите два круга, таа беше избрана дури во третиот круг со 71 глас „за“. 11 гласачки ливчиња беа неважечки
Собранието на Косово вечерва ја избра Вјоса Османи за претседателка на државата. Таа доаѓа од движењето Самоопределување на премиерот Албин Курти, а нејзиниот избор се случи во третиот круг гласање во косовскиот парламент.
Според Уставот на Косово, изборот на претседател на државата го врши Собранието. Процедурите предвидуваат дека претседател се избира со две третини од гласовите – „за“ треба да гласаат 80 од вкупно 120 пратеници. Доколку тоа не се случи, предвидено е да има и втор круг во кој еден од кандидати, исто така, треба да добие 80 гласови.
Во случај ниту еден од кандидатите во првите два круга да не добие две третини од гласовите, се организира и трет круг на гласање, а во него претседател се избира со просто мнозинство од 61 глас, под услов вкупно да гласаат најмалку 80 пратеници.
Противкандидат на Османи беше Насуф Бејта, кој исто така е од редовите на Самоопределување, но како што пренесуваа медиумите, неговата кандидатура беше само формална.
Во првиот круг гласаа 81 пратеник од кои Османи доби 69 гласа, Бејта ниту еден, а 12 гласачки ливчиња беа неважечки. Во вториот круг, пак, гласаа 82 пратеници од кои за Османи 67, за Бејта 4, а 11 ливчиња беа неважечки.
Со оглед дека Османи не доби 80 гласа во првите два круга, таа беше избрана во третиот круг со 71 глас „за“. 11 гласачки ливчиња беа неважечки.