Од 6 април следната година ќе започнат летови од Неапол и Будимпешта до скопскиот аеродром. До охридскиот аеродром, пак, од 28 јуни ќе се воведат летови од Катовице, Вроцлав и Милано

Со државни субвенции, авиокомпанијата „Визер“ воведува пет нови авиолинии до аеродромите во Скопје и во Охрид.
Од 6 април следната година ќе започнат летови од Неапол и Будимпешта до скопскиот аеродром. До охридскиот аеродром, пак, од 28 јуни ќе се воведат летови од Катовице, Вроцлав и Милано.
Од ТАВ Македонија велат дека летовите од Скопје до Неапол и до Будимпешта од скопскиот аеродром ќе стартуваат на 30 март 2026 година, а ќе се реализираат секои понеделник, среда и петок.
Од аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, пак, патниците ќе имаат можност директно да се поврзат со полските градови Катовице и Вроцлав, како и со Милано.
Летовите од охридскиот аеродром до сите три дестинации ќе се одвиваат два пати неделно, до Милано ќе стартуваат, исто така, на 30 март 2026 година, додека за Вроцлав на 7 јуни, и Катовице на 8 јуни идната година.
Според вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, авиокомпанијата на скопскиот аеродром ќе има постојана флота со шест авиони. Тој вели дека се врши замена на постојните „Ербас А320“ со помодерниот модел „Ербас А321 нео“. Дополнително, како што рече, планирано е и зголемување на бројот на вработени во државава за 100, со што вкупната бројка ќе достигне 300.
Како што истакна главниот извршен директор на „Визер“, Џозеф Варади, со овие нови линии, „Визер“ значително ќе го зголеми капацитетот за патници, нудејќи 3,3 милиони седишта за Македонија во 2026 година. Тој нагласи дека овој скок е огромен во однос на понудата од 2012 година и претставува „навистина убава оперативна платформа“ за авиокомпанијата во земјата.
Субвенциите од државата ќе изнесуваат девет евра по патник за летовите кон скопскиот аеродром и 12 евра за летовите кон охридскиот аеродром.
Овие авиолинии се надополнуваат на оние што претходно беа најавени, а тие се до Стокхолм и до Мадрид, кои почнуваат од 2 ноември, потоа до Келн – што почнува на 20 декември, до Бари и до Прага – исто така на 20 декември, и до Ларнака, која почнува на 30 октомври.