Летовите што започнуваат денеска од Скопје до Стокхолм и до Бари, како и од Охрид до Базел, ќе се одвиваат два пати неделно, односно секои понеделник и петок, додека оние што својот старт ќе го имаат утре – од Скопје до Мадрид, ќе се реализираат секои вторник, петок и сабота, а од Скопје до Ларнака – вторник и сабота
Компанијата „Визер“ од денеска и утре почнува со летови кон пет нови пет дестинации – Бари, Стокхолм, Мадрид, Ларнака и Базел, кои ќе одвиваат од Меѓународниот аеродром „Скопје“ и од Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, соопштија од ТАВ Македонија.

Првиот лет на новата линија Скопје – Стокхолм тргна од скопскиот аеродром утрово во 6:05 часот, а дестинацијата му е главниот аеродром во шведската престолнина – „Арланда“.
Летот на авиопревозникот „Визер“ од Скопје за градот Бари на италијанскиот брег е закажан за денеска попладне во 14:40 часот, додека точно напладне од аеродромот во Охрид треба да полета авионот за Базел, Швајцарија.
Од утре (28 октомври), пак, ќе започне и новата линија Скопје – Мадрид, со првиот лет во 16:05 часот. Враќањето на линијата Скопјe – Ларнака ќе започне со лет што пристигнува од Ларнака до Скопјe утре во 7:15 часот.
Летовите што започнуваат денеска, 27 октомври, од Скопје до Стокхолм и до Бари, како и од Охрид до Базел, ќе се одвиваат два пати неделно, односно секои понеделник и петок.
Линиите кои својот старт ќе го имаат утре – од Скопје до Мадрид, ќе се реализираат секои вторник, петок и сабота, а од Скопје до Ларнака – вторник и сабота.
Од TАВ Македонија велат дека очекуваат голем обем на патнички сообраќај на сите пет нови линии на „Визер“, имајќи го предвид фактот дека сите овие градови се атрактивни туристички дестинации, кои беа барани од патниците.
Од петте нови линии што започнуваат денескa и утре, Мадрид и Бари се целосно нови дестинации за македонскиот пазар, односно главниот град на Македонија по првпат ќе биде поврзан со шпанската престолнина и со италијанскиот крајбрежен град.
Ларнака и Базел се повторно воспоставени линии, додека Скопје – Стокхолм е нова бидејќи „Визер“ отсега ќе лета кон главниот аеродром во шведската метропола – „Арланда“.
„Сигурен сум дека овие пет дестинации дефинитивно ќе бидат посетени. Овие нови дестинации кои ги најавувам се избор на патниците, избор на оние патувачи коишто со нетрпение очекуваат да бидат поврзани со овие градови од двата аеродроми овде во Македонија. Исто така, сакам да се заблагодарам на нашиот тим од ТАВ Аеродроми кои ја дадоа својата поддршка за да ги подготвиме овие дестинации и сега да можеме да ги споделиме со патниците. Верувам дека ќе уживате во новите дестинации, а ние не застануваме тука, ние сме посветени да обезбедиме што повеќе дестинации од двата македонски аеродроми и сигурен сум дека нè очекуваат уште повозбудливи нешта“,
вели во пишана изјава генералниот дирекот на ТАВ Македонија, Неџат Курт.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вчера најави единаесет нови директни летови од скопскиот и oд охридскиот аеродром, со новиот зимски распоред на летови на аеродромите, додавајќи дека новите дестинации се резултат на политиките на Владата за привлекување авиолинии.
Покрај петте нови линии што стартуваат од денеска и и утре, Николоски најави дека од 3 ноември ќе се лета и кон Женева, која, според него, е исклучително значајна дестинација, затоа што покрај туристи се очекува да донесе и бизнисмени во Скопје. Од 15 декември треба да се воведат и директни летови кон Прага и кон Келн.
Скопскиот и охридскиот аеродром во првите девет месеци од годинава опслужиле 2 585 096 патници, што е зголемување од шест отсто во споредба со истиот период лани.
Преку скопскиот Аеродром се превезени 2 375 264 патници, што е за 5,4 отсто повеќе од минатата година, а аеродромот во Охрид има двоцифрен пораст од 16,2 отсто со 209 832 превезени патници.
Има зголемување и на бројот на летови, за три отсто во споредба со минатата година, односно на двата аеродрома се опслужени 20 141 лет.
