Од опозициската СДСМ преку соопштение одговорија дека токму претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ ја дала концесијата за „Казан дол“, а тие ја одзеле дозволата и го истерале процесот докрај
Македонија успеа да заштеди 115 милиони евра откако го доби арбитражниот спор со дел од инвеститорите во рудникот „Казан дол“ во Валандово. Ова денеска го соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој е и претседател на координативното тело на Владата за арбитражни спорови. Тој рече сите 11 основи по кои земјава била тужена се одбиени и оти на овој начин се „спасени“ парите кои беа потенцијална оштета која државата требаше да ја плати во овој случај. Дополнително, рече дека претходната влада во јануари 2023 година го затворила случајот, прифаќајќи обврска за исплата на целосниот износ.
„По доаѓањето на оваа Влада, ние побаравме случајот повторно да се отвори и истиот беше отворен на 28 јануари оваа година. Кога тужителите сфатија дека не им се добри работите, понудија спогодба со Владата на помала сума, таа варираше од 35-48 милиони евра. Ние таа спогодба ја одбивме, затоа што бевме убедени во нашите аргументи и тоа излезе точно, односно го добивме овој случај и Македонија нема да плати ниту евро во случајот Казан дол“,
рече Николоски.
Вицепремиерот изрази сомнежи во начинот на кој во минатото се решавале арбитражните спорови.
„Имам сериозен сомнеж – дали овие постапки биле покренувани само по иницијатива на инвеститорите или имало некакви договори со одредени членови на тогашната власт. Денеска гледаме дека можеме да добиеме спорови за кои јавноста претходно беше убедувана дека ќе бидат загубени,“
кажа тој.
На ваквите прозивки веднаш реагираа од опозициската СДСМ. Оттаму соопштија дека фактите од кои Николоски се обидел да побегне денеска се дека токму владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2015 година ја дала концесијата за рудникот „Казандол“ на компанијата „Сардич“, но и оти владата на СДСМ и Зоран Заев по огромниот револт на граѓаните на Валандово го раскина договорот за рудникот „Казандол“ во март 2018 година. Од тогаш започнал и процесот на арбитража, а од СДСМ велат и дека целиот процес е завршен од владата предводена од СДСМ, иако одлуката пристигнала сега.
„Николовски ако сака да зборува за „Казандол“, треба да им објасни на граѓаните: зошто неговата партија во 2015 година ја даде концесијата? Зошто се игнорираа протестите и барањата на локалното население? СДСМ беше и останува на страната на граѓаните, затоа што токму тие се изборија против „Казандол“. Благодарение на граѓанскиот отпор и одлуките на владата на СДСМ, овој рудник не постои“,
реагираат од СДСМ.