Според Виткоф, има голем напредок во преговорите со Русија за Украина, додавајќи дека, сепак, територијалното прашање останува главна пречка
Специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, утре во Москва ќе се сретнат со рускиот претседател Владимир Путин, со цел да разговараат за изнаоѓање можен начин за завршување на војната во Украина, пренесува Ројтерс.

„Треба да се сретнеме со Путин в четврток. Русија побара таква средба“,
рече Виткоф во интервју за Си-ен-би-си од Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
Истакна дека има голем напредок во преговорите со Русија за Украина, додавајќи дека, сепак, територијалното прашање останува главна пречка.
Според него, САД им предложиле и на Русија и на Украина да се приклучат на Мировниот совет и дека очекуваат согласност од двете страни.
Претходно, Кремљ потврди дека се подготвува за посетата на Виткоф и на Кушнер во рамките на напорите за мировни преговори за Украина.
Инаку, специјалниот претставник на рускиот претседател, Кирил Дмитриев, вчера разговараше со Виткоф во Давос. На средбата присуствуваше и Кушнер. Засега не се објавени официјални информации за средбата, иако руските медиуми објавија видео на кое Виткоф ја оценува средбата со Дмитриев како многу позитивна.
