Според Иран, се очекува разговорите во Женева да се водат индиректно, како што беше и претходната рунда во Оман
По разговорите со Иран, се очекува тие да учествуваат и во разговорите меѓу Русија и Украина во Женева со посредство на САД
Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и зетот на Трамп, советникот Џаред Кушнер неделава ќе имаат разговори со иранските преговарачи за нуклеарната програма на Техеран во Женева.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, како што објавија оттаму, ќе го претставува Техеран на преговорите. Се очекува да се сретне и со швајцарските и омаските колеги и со шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија.
Техеран и Вашингтон ги обновија преговорите на 6 февруари во Мускат, неколку месеци откако претходните разговори пропаднаа кога Израел почна бомбардирање против Иран.
Според Иран, се очекува разговорите во Женева да се водат индиректно, како што беше и претходната рунда во Оман.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) мора да бараат од Иран да се откаже од збогатениот ураниум, како и да му биде забрането понатамошно збогатување како дел од кој било нуклеарен договор со Техеран.
Инаку, преговорите доаѓаат по зголемувањето на американското воено присуство на Блискиот Исток, како одговор на насилното задушување на антивладините протести во Иран, во кои, според групите за човекови права, се убиени илјадници луѓе.
Во последните недели, американскиот претседател Доналд Трамп се закани со воена интервенција врз Иран, доколку не се постигне договор. САД испратија илјадници војници, вклучително и носач на авиони, придружен со други воени бродови и борбени авиони, што Трамп ги нарече „една прекрасна армада“.
Техеран реагираше со закана дека доколку се случи напад ќе одговори со сила, притоа наведувајќи дека освен американските сили на Блискиот Исток, цел на нивниот одговор ќе биде и Израел.
По разговорите со Иран, се очекува Виткоф и Кушнер да учествуваат и во разговорите меѓу Русија и Украина во Женева со посредство на САД.
