На новинарско прашање зошто не е прифатлива вистината на претходната комисија, која беше стручна и оцени дека избрани се најдобрите тројца кандидати, Мицкоски повика новинарите за појаснување да се обратат до Владата

Премиерот Христијан Мицкоски не кажува кои услови не ги исполнуваат тројцата кандидати за судија во Стразбур, откако Владата го поништи изборот и штуро објасни дека тие не ги исполнувале условите.
За потсетување, Владата одлучи да не ја прифати листата од тројца кандидати, на која два месеци работеше комисија формирана токму од Владата. Потоа падна одлука да се формира и нова комисија.
Кандидати за судија во Стразбур беа адвокатот Јордан Апостолски, судијката од Апелацискиот суд, Габриела Гајдова, и обвинителката Ленче Ристоска.
Гајдова и Ристоска јавно бараа одговори кои услови не ги исполнувале, а обвинителката сподели и дека два месеци била под притисок да ја повлече кандидатурата.
„Нема да навлегувам тоа што го кажуват кандидатите, тоа е нивна вистина, а вистинската вистина е тоа што го кажува Владата. Се формираше комплетно нова комисија која ја сочинуваат сите оние лица кои раководат со судски и обвинителски институции. Врвни, како Врховниот суд, Уставниот суд, Кривичниот и така натаму. Еве тие нека одлучат во следниот конкурс кој е најдобар за да нема тука би рекол изговори вака било – така било, јас би се воздржал од било каков коментар на тоа што го кажуваат некој од кандидатите, бидејќи тоа е нивната вистина. За жал тоа не е вистинската вистина. Вистинската вистина е тоа што го кажува Владата“,
изјави денеска премиерот.

На новинарско прашање зошто не е прифатлива вистината на претходната комисија, која истотака беше стручна и оцени дека избрани се најдобрите тројца кандидати, Мицкоски повика новинарите за појаснување да се обратат до Владата.
За обвинителката Ристоска, тоа што Владата не дала појаснување за кои критериуми станува збор, за неа не е изненадување. Таа потсети дека според препораките на Советот на Европа, постапката мора да биде извесна и однапред пропишана, фер и транспарентна, а Владата согласно препораките на Советот на Европа мора да го оправда секое отстапување од листата утврдена од Комисијата.
За да се спречи политичкото влијание, државата предлагач прво спроведува внатрешна процедура по која предлага тројца кандидати, чии квалитет и начин на кој се избрани ги разгледува панел во Советот на Европа, кој може да постави дополнителни прашања, да ја врати листата назад ако предлозите не се добри или, пак, да проследи дел или сите кандидати за избор пред Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Вчера и Блупринт-групата за реформи во правосудството составена од шест граѓански организации, реагираше дека потегот на Владата е загрижувачки, како и дека освен што процесот бил нетранспарентен, спорна е и постапката.
„Одлуки донесени без образложение, спротивно на правилата и надвор од пропишаната процедура го нарушуваат меѓународниот углед на државата и не го обезбедуваат легитимитетот на избраниот кандидат“,
реагираа оттаму.