Прашана дали додека е таа министерка може да се очекуваат грешки во учебниците, како што беше случај претходните години кога беше напишано дека Бугарија се наоѓа на запад од С Македонија, Јаневска рече дека такво нешто нема да се случи и дека е можно да најде само некоја грешка со точка или запирка
Во одговор на прашање рече дека во законите што беа донесени во Собранието е избришан членот за заменски наставник за време на штрајк што, како што рече, најмногу им сметал на наставниците, но и на неа лично

Министерството за образование и наука во иднина ќе мора да направи функционални пет илјади наставници, кои сега се вишок.
Министерката Весна Јаневска вели дека овие наставници не треба да стравуваат дека нешто ќе им се случи.
„Има наставници кои никогаш не исполниле цел фонд на часови што е многу сериозен проблем, но имаме и пет илјади наставници кои се вишок, а претходно такви беа три илјади. Сепак да не се плашат дека нешто ќе им се случи“,
рече министерката Јаневска во вечерашното гостување во „Топ тема“ на телевизија Телма.
Според неа, нивната функционалност ќе се зголеми со поголем ангажман, подолг престој на училиште, а ќе имаат и многу неопходни обуки.
„Во иднина ќе мора да ги направиме овие наставници функционални. Тоа значи поголем нивни ангажман, подолг престој на училиште, а за тоа ќе добиваат повисоки плати. Ќе добијат многу неопходни обуки. Целодневната настава, едносменската настава, зајакнувањето на Бирото за образование, на Државниот испитен центар, на Државниот просветен инспекторат се пулови каде тие ќе си најдат место“,
рече Јаневска.
Таа потврди дека имала контакт со нив и ѝ потврдиле оти се подготвени тоа да го направат исто како и Министерството, а позитивна волја Јаневска гледа и кај Владата.
„Се надевам дека со тек не време ќе го достигнеме сето тоа што е планирано“,
рече таа.
Говорејќи за повеќе теми од областа на образованието, Јаневска потврди дека денеска во Собранието се поминати законите за основно образование, за средно стручно образование, за учебници, за образование на возрасни, за национална рамка на квалификации и за нуклеарна агенција.
Прашана дали додека е таа министерка може да се очекуваат грешки во учебниците, како што беше случај претходните години кога беше напишано дека Бугарија се наоѓа на запад од С Македонија, Јаневска рече дека такво нешто нема да се случи и дека е можно да најде само некоја грешка со точка или запирка.
Во одговор на прашање рече дека во законите што беа донесени во Собранието е избришан членот за заменски наставник за време на штрајк што, како што рече, најмногу им сметал на наставниците, но и на неа лично.
Потврди дека Министерството ќе му префрли пари на УКИМ за долгот за струја.
„Ќе им дадеме пари за струја веднаш во 2025 година, со новиот буџет, затоа што Законот за високо образование вели дека МОН треба да ја плаќа струјата на универзитетите, но со измената за Законот за високо образование ќе видиме како тоа ќе го решиме. Во моментов некои универзитети помалку, а некои повеќе имаат од таканаречените сопствени средства кои не можат да ги трошат за струја, тука нема дилема, но можеби ќе се договориме дел од тие средства во иднина да одат и за режиски трошоци“,
истакна Јаневска.
Таа ги кажа и петте затворени научни институти, а рече дека кај 15 други институти е направен мониторинг, и по она што го прочитала 10 од нив ќе ги најде истата судбина.
„Институт за бизнис и економија, Институт за геобиологија, археологија и подземни води и екологија, Институт за мода фешн и дизајн, Институт за одржлив развој и унапредување на климатски промени и Институт за наука, алтернатива, култура и уметност. Тоа се затворените научни институти. Причината зошто се затворени, се дел поради неактивност, без никаков проблем со согласност на сопствениците, а дел затоа што не исполнуваат услови“,
додаде таа.
На сите овие институции, како што рече министерката, им биле дадени три месеци временски период да се искорегираат.
„Тие што ќе се искорегираат ќе продолжат, а за тие 10 од извештаите кои ги читав ќе биде многу тешко било што да направат“,
рече Јаневска.