За потсетување, политичката партија Левица пред изборите, конкретно по објавувањето на Упатството од страна на АВВМУ за радиодифузерите за Локалните избори 2025 година, реагираше до повеќе институции бидејќи не доби државни пари и медиумски простор за политичко рекламирање, иако има шест пратеници во Собранието
Вишиот управен суд, според ААВМУ, оценил дека претходно донесеното решение на Управниот суд е правилно и законито и дека со него не е повреден законот на штета на политичката партија Левица
Вишиот управен суд донел решение со кое ја одбил како неоснована жалбата на политичката партија Левица во врска со Упатството што Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) го донесе на 26 септември, пред локалните избори.

Вишиот управен суд го донел решението на 6 ноември и со него, како што соопштија денеска од ААВМУ, е потврдена претходно донесената одлука на Управниот суд со која беше отфрлен предлогот на Левица за поништување на Упатството.
За потсетување, политичката партија Левица пред изборите, конкретно по објавувањето на Упатството од страна на АВВМУ за радиодифузерите за Локалните избори 2025 година, реагираше до повеќе институции бидејќи не доби државни пари и медиумски простор за политичко рекламирање, иако има шест пратеника во Собранието.
Нивните иницијативи беа отфрлени со објаснување дека околноста поради која не можат да се рекламираат со државни пари произлегува од одредбите во Изборниот законик.
Последно во оваа низа одлуки решенија со кои се отфрлаат иницијативите и жалбите на Левица во врска со ова прашање е решението на Вишиот управен суд, за кое денеска информираа од ААВМУ.
„Ова Упатство, Агенцијата го донесе за да го појасни начинот на примена на одредбите од Изборниот законик за распределба на времето за платено политичко рекламирање, распределба на времето во вестите кај Јавниот радиодифузен сервис, бесплатното политичко претставување на Собранискиот канал и за обезбедување пристапност на содржините за изборниот процес“,
се вели во соопштението од Агенцијата.
Според неа, Вишиот управен суд оценил дека претходно донесеното решение на Управниот суд е правилно и законито и дека со него не е повреден законот на штета на политичката партија Левица.
„Со ова, како и со претходните решенија на Управниот суд и Основниот граѓански суд, уште еднаш се потврдува дека Агенцијата постапува согласно законските прописи и работи професионално“,
велат од ААВМУ.
Тужбата со која Левица побара поништување на Упатството на Агенцијата, Управниот суд ја отфрли на почетокот на октомври. Во образложението на пресудата, од Управниот суд тогаш наведоа дека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е самостојно и независно регулаторно тело, a директорот на самостојниот орган на државната управа може да носи правилници, решенија, наредби, упатства и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.
Во однос на самото Упатство, Судот посочува дека не се работи за поединечен, туку за општ акт со кој се даваат насоки и толкувања за примена на законски одредби, во конкретниот случај одредбите од Изборниот законик.
„…Произлегува дека за да може еден управен акт да биде предмет на управен спор, треба да се исполнети повеќе услови – истиот пред сè треба да биде индивидувален, конкретен, а не општ акт на управата, тој акт да е донесен во некоја управна постапка со која се решава за права и обврски на поединец или правно лице, да ги има особините на управен акт и да е конечен во управната постапка“,
беше наведено во решението на Управниот суд.

Уставниот суд на 15 октомври, четири дена пред првиот круг од локалните избори, исто така одлучи да не поведе постапка по иницијативата на политичката партија Левица за Упатството на ААВМУ.
Уставен оцени дека Агенцијата била должна да го донесе ова Упатство, бидејќи е втемелено на закон и во суштина само ја операционализира законската одредба од членот 75-ѓ од Изборниот законик.
„Тоа значи дека ова Упатство нема никаков проблем со законитоста“,
изјави тогаш на прес-конференција претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.
Истиот ден од политичката партија Левица, жестоко реагираа на одлуката на Уставен, најавувајќи дека ќе поднесат тужба до Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, која, како што наведоа се убедени дека ќе ја добијат.
Инаку, финансирањето на партиите за време на кампања, што како проблем се покажа на овие избори, бидејќи две партии – Левица и ЗНАМ, иако имаат пратенички групи во законодавниот дом не добија пристап до државни пари за платено политичко рекламирање, го отвори прашањето за потребата од измени на Изборниот законик.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на брифинг со новинарите на почетокот на претходниот месец, кажа дека со измените на Изборниот законик или со новото законско решение треба да се надминат сите проблеми што досега се евидентирани во изборните процеси, без разлика дали се работи за парламентарни, претседателски или локални избори.
„Препораките на ОБСЕ, начинот на финансирање на кампањата, начинот на кандидирање на независни кандидати, цензусите, предвремената кампања, но и теми како изборниот модел или организирање во една изборна единица – сите прашања во врска со изборите се очекува да бидат опфатени“,
рече тој.
