„На толку многу пропусти, каде се началниците и командирите, каде се функционерите? Зошто тие се заштитени? Каде е нивната одговорност? Сите што направиле пропусти во случајот на Росица, мора да одговараат, до највисокиот раководител и секако политичка одговорност од Тошковски“, велат од опозициската партија
Вината не може да се сведе само на 11 полицајци – реагира опозицискиот СДСМ откако Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера објави дека за случајот со убиената Росица Коцева ќе се поведе дисциплинска постапка против 11 вработени во СВР Велес поради констатирани пропусти во работата.

„На толку многу пропусти, каде се началниците и командирите, каде се функционерите? Зошто тие се заштитени? Каде е нивната одговорност? Сите што направиле пропусти во случајот на Росица, мора да одговараат, до највисокиот раководител и секако политичка одговорност од Тошковски“,
велат од СДСМ.
Партијата го повика Јавното обвинителство да отвори истрага за сите инволвирани во случајот и да го истражи секој пропист и секое непостапување од надлежните.
„А има и уште едно прашање на кое јавноста мора да добие одговор: Дали навистина Росица лично му се обратила на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски? Тошковски демантира а пријатели на Росица сведочат дека им ја покажала пораката која му ја испратила. Ако пораката навистина била испратена, тоа е дополнителен скандал од највисоки размери. Панче Тошковски мора да понесе оставка од морални причини“,
додаваат од опозициската партија.
МВР вчера соопшти дека против 11 вработени во Секторот за внатрешни работи (СВР) Велес ќе биде покрената дисциплинска постапка поради тоа што не постапиле целосно и согласно процедурите по дел од пријавите што до велешката полиција ги поднесувала Росица Коцева пред да биде убиена од својот поранешен партнер.