По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, велат од МВР
Во текот на изминатото деноноќие полицијата привела вкупно 13 возачи за безобѕирно возење.
Од нив, шестмина биле без возачка дозвола, четворица возеле иако имале активна забрана за управување со возило, а едно лице управувало возило под дејство на алкохол, а уште двајца возачи биле и со активна забрана и во алкохолизирана состојба.
Случаите се од различни градови во земјава.
„Шестмина возеле без возачка дозвола, од кои двајца во Скопје, двајца во Прилеп и по еден во Битола и Свети Николе. Четири лица (по еден во Кичево, Маврови Анови, Скопје и Кочани) возеле иако имале активна забрана за управување со возило, а едно лице управувало возило под дејство на алкохол во Скопје. Во Прилеп едно лице управувало возило и под дејство на алкохол и со активна забрана за управување, а во Кавадарци едно лице управувало возило без возачка дозвола и под дејство на алкохол. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави“,
велат од МВР.
Полицијата апелира учесниците во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила.
„Да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“,
велат оттаму.
