Во едночасовното затемнување, екипажот бил сведок на некои ретко видени феномени кои се видливи само на неосветлен дел од Месечината. Тие пријавиле шест светлосни блесоци создадени од метеороиди кои удираат во површината на Месечината додека патуваат со илјадници милји на час

Астронаутите на „Артемис II“ се упатуваат кон Земјата откако извршија историско прелетување покрај Месечината, а од нивното вселенско летало беа сведоци на целосно затемнување на Сонцето.
Командантот Рид Вајзман вели дека екипажот на вселенското летало „Орион“ видел глетки што ниту еден човек досега не ги видел, а пилотот Виктор Гловер додава дека нема зборови за да се опише она што го набљудувале.
Тие забележале разлики во бојата, осветленоста и текстурата, кои даваат индиции што им помагаат на научниците да го разберат составот и историјата на површината на Месечината.
Вселенското летало го достигна своето максимално растојание од Земјата – 252 756 милји, односно 406 771 километар – за време на прелетувањето покрај Месечината. Екипажот веќе го сруши претходниот рекорд за најдалечно растојание што луѓето го поминале во вселената.
Додека беа зад Месечината, астронаутите ја изгубија врската со НАСА, а прекинот беше очекуван и траеше околу 40 минути.
„Ќе се видиме од другата страна“,
рече Гловер неколку минути пред да се изгуби врската.
За време на затемнувањето, леталото се приближи најблиску до Месечината и достигна максимална оддалеченост од Земјата.
Во едночасовното затемнување, екипажот бил сведок на некои ретко видени феномени кои се видливи само на неосветлен дел од Месечината. Тие пријавиле шест светлосни блесоци создадени од метеороиди кои удираат во површината на Месечината додека патуваат со илјадници милји на час.
Американскиот претседател Доналд Трамп им честиташе на командантот Рид Вајсман, пилотот Виктор Гловер и специјалистите за мисии Кристина Кох и Џереми Хансен, нарекувајќи ги пионери на современото време.
„Денес направивте историја и ја направивте цела Америка многу горда, неверојатно горда. По долго време, Америка се врати и во многу погледи е посилна од кога било. Вашата мисија го отвора патот Америка многу наскоро да се врати на површината на Месечината. Повторно ќе го поставиме нашето знаме, но овој пат нема само да оставиме траги. Ќе воспоставиме трајно присуство на Месечината и ќе продолжиме кон Марс“,
им рекол Трамп.
🚀 LIVE FROM SPACE: President Donald J. Trump Calls Artemis II Astronauts After Breaking the Farthest Distance Record in Human Spaceflight 🇺🇸 HISTORIC!
— The White House (@WhiteHouse) April 7, 2026
"Your mission paves the way for America's return to the lunar surface very soon." pic.twitter.com/1TzmIEQG0l
Астронаутите во разговорот со Трамп ги споделиле најнезаборавните моменти од мисијата. Тие опишаа како, додека кружеле околу Месечината, виделе глетки што ниту еден човек не ги видел претходно, дури ни за време на мисиите „Аполо“. Тие особено го истакнале изненадувањето кога биле сведоци на затемнување на сонцето зад Месечината.
„Додека се приближувавме кон блиската страна на Месечината, ги видовме сите глетки што ги знаевме од Земјата целиот наш живот, но од сосема поинаква перспектива. А потоа почнавме да ја гледаме далечната страна. Видовме глетки што ниту еден човек не ги видел претходно, дури ни во програмата ’Аполо’, и тоа беше неверојатно за нас“,
рече еден од членовите на екипажот.
Кога Трамп праша како се чувствувале да бидат без комуникација со Земјата 45 минути, астронаутите одговорија дека тоа е невообичаено.
„Се помолив кратко, а потоа морав да си продолжам со работата. Всушност снимав научни набљудувања на далечната страна на Месечината“,
рече еден од астронаутите.
Астронаутите треба да се спуштат во Тихиот Океан покрај западниот брег на САД во петок во 20:07 часот по источно американско време (во сабота 02:07 часот по македонско време).
