Грчките медиуми информираат дека двајцата напаѓачи излегле од автомобил, го прескокнале ѕидот и од непосредна близина пукале кон Бајрами и Слезовиќ, кои во тој момент биле заедно со две жени и еден друг маж, сите државјани на Северна Македонија
Медиумите во Грција објавија нови информации за убиството што се случи во сабота во местото Ханиоти на Халкидики. Според грчките медиуми, полицијата веќе ги има и видеоснимките од вилата во која престојувале убиениот Орхан Бајрами и повредениот Сеад Слезовиќ.
Тамошните медиуми информираат дека двајцата напаѓачи излегле од автомобил, го прескокнале ѕидот и од непосредна близина пукале кон Бајрами и Слезовиќ, кои во тој момент биле заедно со две жени и еден друг маж, сите државјани на Северна Македонија.
Како што информираат грчки медиуми повикувајќи се на полициски извори, убијците не пристигнале со мотоцикл, туку со автомобил со странски таблички и додаваат дека возилото што се користело за убиството не поминало преку граничните премини на Грција, но не се исклучува можноста сторителите на убиството да го оставиле возилото во Грција, а тие да ја преминеле границата користејќи други превозни средства.
Убиството на Орхан Бајрами-Оки било претходно најавено на платформата Тик-ток. Таму, наводно, повеќе од една година биле најавувани и други ликвидации.