До денеска во Македонија има 1 664 регистрирани случаи на ковид-19. Од нив 91 пациент или 5,47% не ја преживеаја болеста.
Но, ако се погледне „подлабоко“, овие бројки не се однесуваат подеднакво за територијата на целата земја.

Деведесет и една жртви на вирусот се со потекло од 13 града.
Ако се спореди бројот на починати со бројот на регистрирани случаи во одреден град, излегува дека смртноста е највисока во Крушево со 33,33% и во Струга и Кавадарци со околу 20%. На другата страна се Скопје со смртност од 3,2% и Велес со 2,8%.

„360 степени“ побара одговори на што се должат разликите во смртноста, пред сѐ меѓу двата града со најмногу заболени и смртни случаи во апсолутни бројки – Скопје и Куманово.
На 22 март земјава ја регистрираше првата жртва од ковид-19. 57-годишна кумановка ја загуби битката со коронавирусот.

„Направени се обиди за реанимација, меѓутоа, за жал, тие се без успех по што пациентката почина, со оглед на тоа што и компликацијата настанува нагло и нетипично за некоја друга болест, земен е посмртен уште еден материјал кој е испитан и тестот е позитивен на коронавирусот“,
соопшти тогаш министерот за здравство Венко Филипче.
Од тој момент од ковид-19 починаа уште 19 жители на Куманово и Кумановско, најмногу во целата земја. Бројката е поголема дури и од главниот град, кој не само што има повеќе жители туку има и повеќе регистрирани случаи.

Од Скопје досега потекнуваат 18 од починатите и 563 заболен, што значи дека смртноста изнесува 3,2%. Од Куманово се 20 од починатите и 408 од заразените, што значи дека смртноста изнесува 4,9%.
Зошто – беше прашањето на кое баравме одговор од здравствените работници во градот. Д-р Шенаси Јусуфи, кој во моментов е матичен доктор, вели дека причините за поголемата смртност во Куманово се недостигот на инвестиции во болничките установи, медицинскиот персонал и современа опрема.

„Очигледно во Македонија имаме факти дека со децении не се инвестирало во здравството доволно и редовно и затоа сите овие три столба што ги споменав. Не ги имаме во соодветна состојба или се во неповолна положба во однос на функционирањето на здравјето воопшто. И во случајот со Куманово, овие три столба секако се недоволни и дошле до таков резултат со инфекција или со висок морбидитет и со повисока стапка на смртност или смртност во Република Северна Македонија“,
вели Јусуфи.
Еден дел од вината Јусуфи префрла и на инертноста на политиката. Вели дека почетокот на пандемијата го затекнал во Германија и се вратил во земјава пред се да помогне во болницата во Куманово, но не му била прифатена подадената рака.
„Контактирав со директорката, министерот за здравство и премиерот, и објаснив дека дојдов заради населението, да помогнам заради искуството што го имам и сето ова го кажувам како личен факт. Тие не видоа причина да ме повикаат и да ми дадат можност. И сега овде гледам колку е запоставена политиката во однос на здравствениот персонал и ова сега ме плаши дека сигурно ваквото однесување ќе тера многу луѓе да одат од Македонија“,
вели Јусуфи.
Директорката на кумановската болница има поинаков став. Според неа, токму матичните доктори се оние што можеле да направат многу повеќе за да има помалку жртви во Куманово, ако не праќале пациенти кај нив без упат.

„Видете, на нас ќе ни помогнеа не да дојдат овде, ќе ни помогнеа ако ги згрижеа пациентите и си ги гледаат. Значи, и тоа ќе беше доволна помош. Мојот апел до нив беше барем кога ќе ги пратат кај нас, да им дадат упат за рендген и за лабораторија, па барем да дојдат со готови резултати, а не истите пациенти многу пати ги гледаме како одат во продавница што воопшто не е добро. Значи, доволно ќе беше таа помош. Пак ќе речам, никого не сакам да деградирам ниту да го ставам во исти кош. Имаше и такви што совесно си ја вршеа работата, меѓутоа имаше и такви што буквално се повлекоа што сметам дека не е фер“,
вели Снежана Захариева, директорка на кумановската болница.
Захариева, сепак, причината за поголемата смртност во Куманово од Скопје не ја гледа во еден фактор.
„Можеме да кажеме дека причините се многу комплексни и различни. Имаме дел од пациентите кои веднаш биле хоспитализирани, со многу тешка клиничка слика. Некои воопшто не ни биле хоспитализирани, туку веднаш по јавување на преглед на инфективниот оддел биле испратени или на Инфективна клиника или во ‘8 Септември’, во зависност од тоа дали сме имале наод дека се позитивни или биле суспектни на ковид-19. Дел од тие пациенти имале свој коморбидитет, меѓутоа имаме и случаи на релативно млади луѓе кои не пријавиле комобирдитет“,
вели Захариева.
„360 степени“ ги погледна бројките во Куманово и низ поинаков агол – го споредивме вкупниот број починати лица годинава и лани, независно од причините за смртта. Според податоците на Здравствениот дом-Куманово:

Во февруари годинава имало 90 починати, што е значително повеќе од 69 починат лани во истиот месец. Во март годинава починале 86 лица, што е помалку од 95 смртни случаи лани. Најголема е разликата во април, што кореспондира со кризата со ковид-19. Лани во април починале 55 лица во Куманово, а годинава 90.
Или вкупно лани во февруари, март и април починале вкупно 219 лица од Куманово. Годинава, таа бројка изнесува 266, што е за 21% повеќе.

Во моментов, сепак, не е возможно да се открие дали ваквото зголемување на бројот на починати во Куманово значи и дека има смртни случаи од ковид-19 кои воопшто не поминале низ здравствениот систем и статистика. Она што е сигурно и за што се согласуваат и директорката на кумановската болница и матичниот лекар е, доколку има втор бран наесен, останува кратко време за градот подобро да се организира.