Мислев дека е грешка, објаснува нашата соговорничка која инсистираше на прикриен идентитет кога видела дека на сметка и легнале само два денари плата. Откако другите колешки виделе дека и кај нив сумите се и помали и станало јасно дека не е грешка
Секој месец, во просек 10 000 работници не добиваат минимална плата иако таа е загарантирана со закон. Сето ова е можно поради недоволната координираност меѓу институциите но и потребата од законски прецизирања, особено во врска со Управата за јавни приходи
Во 2012 година беше донесен Закон за минимална плата. Закон што требаше да постави ред и да им гарантира на работниците минимален приход за нивниот труд.
Од 8 050 денари пред 10 години, минималната плата се искачи до 18 000 денари годинава.
„Извинете вака емоционално, ама ова беше навистина тежок процес каде што се убедувавме и, на крај, исходот го гледате. 100 проценти реализација на тоа што му е потребен на работникот“,
рече претседателот на Сојузот на синдикати ноќта кога дојде до договор за зголемување на минималната плата.
Но, колку и да расте минималната плата пред рефлекторите и камерите, во позадина останува еден проблем што ја поткопува целата мерка.
„Минималната никогаш не ја земавме. Никогаш“,
вели поранешна текстилна работничка.
Оваа поранешна работничка во текстилна компанија од истокот на државата, за „360 степени“ сведочеше дека ниту таа ниту колешките некогаш добиле минимална плата. Кога почна ковид-19 пандемијата, пак, почнала да добива едвај 70% и од она што било под минималецот.
„Процесот на работа си оди, испраќавме камиони со готова роба, одеше се во ред, а плата нема. И кога ќе видиш 70 отсто, значи катастрофа. Се побунивме на газдата, истиот одговор: „Во криза сме, немаме исплата од странските добавувачи, ќе се среди“. Ама минуваа месеци, а пари нема. И 70 отсто три месеци да не ги земеш, тоа е катастрофа“,
сведочи таа.
Сопственикот ветувал дека работниците ќе ги добијат и заостанатите три плати и 30-те проценти што им биле скратени. Но, наместо пари, почнал да дели откази.
„Од тие три плати, едната беше 2 денари. И ништо не се направи.
– Каква беше првата ваша реакција кога видовте дека на сметка ви се префрлени само 2 денари?
– Мислев дека е грешка. И упорно реагирам, не е можно 2 денари. 2 денари, нема ни за мастика. Реков: ‘Може е нешто грешка‘. Прашував, една колешка, друга, трета, петта. Кај сите така, дури имаше и по 1,75, 1,95 денари. И не се реши тоа. Помина на УЈП, луѓето си заминаа, кој си отиде, си најде друга работа, кој си остана дома. До ден денес нема ништо“,
вели работничката.
Нашата соговорничка е само една од илјадниците работници во земјава кои добиваат плати помали од законскиот минимум.
Според податоците кои „360 степени“ ги доби од УЈП, месечниот просек на работници кои не добиле минимална плата во последната половина година е околу 11 000. Во истиот период, месечниот просек на работници со плата од точно 18 000 денари е околу 54 000. Овие две категории на работници заедно сочинуваат околу 12% од просечниот број на сите вработени лица во земјава во периодот март-август, кој изнесува околу 530 000 лица.
Проблемот со неисплаќањето на минимални плати не е само во текстилниот сектор, вели Кристина Ампева од „Гласен текстилец“.
„Што е најстрашно, имавме прилика да видиме и од оваа година со покачувањето на минималната плата на 18.000 денари, дека тоа се случува дури и во јавниот сектор. Што значи дека ако самата држава не си ги почитува законите коишто ги носи, што останува за приватните компании?“,
вели претседателката на „Гласен текстилец“, Ампева
Во основа, проблемот е следен. Ако еден работник добие плата на сметка, на пример од 15 000 денари, УЈП не знае дали е тоа целата плата или на неа има задршки – да речеме 5 000 за рата од кредит, што значи дека платата, всушност, е 20 000 денари.
Ингеренциите на Управата за јавни приходи им овозможуваат само да ги пријавуваат овие случаи во Државниот инспекторат за труд.
Директорката на Државниот инспекторат за труд, Весна Томовска, вели дека прават проверки по пријави од УЈП, но и дека сега постапката за проверка е посложена. Со измени на Законот за работни односи во 2020 година, инспекторите мораат прво да ги опоменат работодавачите, а казната следува ако не се испочитува рокот во „опомената“.
„До измените на Законот за работни односи инспекторите имаа можност да донесат само една инспекциска мерка ‘Решение наредба‘. И тогаш се задаваше рок по само едно решение. Во моментот, со тоа што се носат две инспекциски мерки, решение со зададени рокови за постапување веќе имаме пролонгирање на целиот тек на инспекциската постапка. Што не е добро, посебно во делот кога станува збор за парични побарувања“,
вели Томовска.
И за двете мерки донесени од инспекторот, работодавецот има право на жалба, што дополнително го забавува целиот процес. Затоа, Томовска очекува нови измени на законот.
„Во коишто ќе има градација на казните и за потешките прекршоци ќе се изрекува само една инспекциска мерка ‘Решение со наредба‘ во која што ќе спаѓаат сите прекршоци коишто се поврзани со правото на исплата на плата“,
рече Томовска.
Томовска, лично, смета дека не се потребни повисоки казни. Според сите анализи, вели, превенцијата дава подобри резултати од репресијата.
Но, тоа не го менува фактот дека и по 10 години од првиот Закон за минимална плата, има многу работодавачи што го изигруваат системот.
Тргнавме да бараме одговори од надлежните институции – кога ќе ја „закрпат“ законската дупка.
Прашањата прво ги поставивме во Министерството за финансии, но оттаму по телефон само кратко ни кажаа дека одговори треба да бараме од Министерството за труд и социјална политика. Истите прашања потоа ги доставивме до МТСП со барање за изјава од министерката Тренчевска, но Министерството топката ја префли кон Управата за јавни приходи.
„Согласно закон, интегрираниот систем на исплата на плати и придонеси од плата се врши преку Управата за јавни приходи. Во оваа смисла, Министерството за труд и социјална политика нема надлежност да го регулира исплаќањето на плати или блокирањето на сметки на поединечни работодавач“,
велат од МТСП.
Директорката на Управата за јавни приходи не се криеше зад институцијата. Сања Лукаревски признава дека има проблем,за чие надминување неопходна е вклученост од повеќе засегнати институции.
„Јас би инцирала, искрено, како институција, како Даночна управа, да направиме еден координативен состанок и со Министерството за финансии и со Труд и социјала, и ние и Инспекторатот за труд за да го најдеме најсоодветното решение како ова да се процесуира во иднина, затоа што ние сме имплементатори на она што значи законско решение, не носиме законски решенија. И тука треба да ги разграничиме работите“,
вели Лукаревска.
Лукаревска вели дека соработката со Инспекторатот за труд во моментот е одлична. Според неа, и работниците треба отворено да зборуваат за злоупотребите со кои се соочуваат.
„И банките треба да ги вклучиме во овој ланец на институции за да може да го имаме најсоодветното решение. Пред се, треба да направиме едно добро софтверско решение, меѓутоа, со една отворена дебата и да ги слушнеме сите засегнати страни. И, да ја имаме онаа висока свест и совест кај работодавачите дека мора ја исплаќаат платата на своите работници и да не бараат како да го изиграат целиот систем“,
рече Лукаревска.
Дека има сива зона, признава и опозицијата. Сепак, поранешната дополнителна заменик-министерка за финансии, а сега потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска, додава дека и со сегашните закони Инспекторатот има моќ да го спречи изигрувањето на законот.
„Ние согласно Законот за извршување и Законот за присилна наплата, знаеме сите како вработени, дека 1/3, односно 1/5 може да ви сопрат. Меѓутоа, Законот за работни односи дава можност и да се прават задршки на плата. Знаете, фирмите, сега е период на зимници, па некоја фирма ќе склучи договор со фирма којашто произведува зимници, ќе им даде на вработените и преку задршка на плата се исплаќа. Е тука, УЈП нема можност да го увиди ова. Меѓутоа, каде е симптоматичноста? Дали е возможно цела фирма да има задршки на плата, па по 5 денари да им исплаќа? Тука веќе нешто се случува“,
вели потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ.
Невладиниот сектор не чека и веќе предлага модел преку кој сметаат дека може да се реши проблемот, а тоа е да се приложува доказ до УЈП за секоја задршка од плата.
„Навистина треба да земат под минимална плата оние кои не се појавиле на работа, коишто немаат доволен фонд на часови, кои користеле некој вид на боледување или поради неоправдано или оправдано отсуство. Значи, се прикачува до системот, дали е боледување или известување, и тие на тие работници може да им се исплати. Меѓутоа, останатите да го трпат непочитувањето на Законот за минимална плата? И ние се соочуваме со казни од 100 – 200 евра? Па само им даваме ветер во грб на работодавачите да го кршат законот“,
предлага Ампева.
Додека да се најде начин актуелниот закон подобро да се спроведе или да се донесе нов, работниците остануваат жртви.
„Две години веќе не работите ништо.
-Не.
-Дали сте се обиделе да најдете работа?
-Па неколку пати, 2-3 пати, ама одговорот беше интересен: ‘Што направивте вие во таа фирма за да добиете отказ?‘ и ‘Ако те примам тука на работа сигурно истото ќе се случува, ќе си ги бараш правата, ќе се бунтуваш, ќе ги учиш колегите на непослушност.‘ Така што, сум дома“,
вели работничката.