Владата на седницата одржана на 15 декември одлучи да почне постапка која треба да заврши со јавно-приватно партнерство за „воспоставување електронски систем за следење на акцизни добра“.
За да се спроведе идејата, Владата формирала и комисија од повеќе институции, која:
„…во рок од 60 дена до Владата треба да достави предлог-правни акти за функционирање на Електронскиот систем за следење акцизни добра, како и за постапката за воспоставување јавно-приватно партнерство.“
Целта на воведувањето нов начин на контрола на нафтата, цигарите, алкохолот, според премиерот Зоран Заев, е борба против сивата економија. Но, зошто приватен партнер кога таа работа веќе ја прави Царината?
„Јас сум задоволен од Царинската управа како работи, нормално, но не сум докрај задоволен како се справува со сивата економија. Заради тоа што и системите коишто досега ги имаат не даваат резултати“,
вели премиерот Зоран Заев.
„360 степени“ побара објаснување – каков е тој нов систем за следење на акцизни добра што го посакува Владата и зошто државата не може сама да го спроведе?
Цигарите, алкохолот и нафтените деривати се најчестата асоцијација кога ќе се спомене акцизна стока. А самата акциза е дополнителен данок на одредени добра и услуги, кои се особено важни за полнењето на буџетот на една држава.
На пример, во Македонија на секој литар еуросупер-95, кој чини 60 денари, близу 24 денари од цената се акциза, без другите даноци и давачки. На секој литар дизел, кој сега чини 53,5 денари, се плаќа акциза од 18 денари.
Само лани државата преку акцизи собрала 424 милиони евра или на секои 100 денари приходи во Буџетот, 13 денари биле од акцизи. Единствениот друг данок на потрошувачка кој носи повисок приход е данокот на додадена вредност.
Бидејќи се толку важни за Буџетот, секоја држава постојано бара начини како да ги следи и оданочи акцизните добра. Во случајот со цигарите, на пример, контролата се врши преку посебна маркичка.
Според интернет-страницата на Царинската управа, оваа институција е единствениот надлежен орган за акцизите на територијата на цела држава. Па, иако само таа е надлежна, идејата за нов систем за следење на акцизни добра не дошла од Царината. Дел од медиумите тврдеа дека идејата е на поранешниот генерален секретар Драги Рашковски, што премиерот го отфрла.
„Сакам да напоменам дека ова не е, како некој што вика, на предлог на бившиот генерален секретар Рашковски. Не е, ова е предлог на Владата. Потекнува од мене, од економскиот совет, од економските министри. Генералниот секретар, нормално, беше задолжен да ги спроведува сите правни постапки, кој работи во функција на Владата.“
додава Заев.
Независно од каде дошла идејата, „360 степени“ побара дополнителни објаснувања од Владата за начинот на кој ќе функционира системот кој на државата сега ѝ носи над 400 милиони евра годишно. Улогата да објасни му беше доделена на Анастас Маженковски, помошник-директор за акцизи во Царината.
Меѓу првите работи што тој ни ги одговори е дека Царината веќе има електронски систем за следење на акцизните добра. Она што сега се најавува, според него, е надградба на тој систем, поради што и се бара приватен партнер.
„Се работи за два система. Едниот е систем за маркирање на горивата, а другиот е систем за следење и пронаоѓање на тутунските производи. Сегментот за следење и контрола на тутунските производи е наречен ‘трак енд трејс’“,
вели Маженковски.
Искуство со сличен систем за следење на тутунските производи во последниве години имаат земјите на ЕУ. Брисел усвои неколку директиви, кои во пракса значат дека акцизните добра ќе добиваат посебен код уште при излез од фабрика, дека испораката нема да биде можна пред нарачката да ја потврди и купувачот и дека при секој чекор стоката ќе мора да биде регистрирана во посебен систем.
Со тоа, државата цело време знае каде е, на пример, секоја кутија цигари. Независно дали и во земјава ќе биде применет идентичен модел, целта е иста.
„Крајната цел е да се знае низ кои фази, низ кои земји и низ кои економски оператори поминуваат овие цигари, сѐ до крајната цел, последното место каде што се става самиот производ во продажба. Тоа би значело дека со еден обичен клик на цигарите, доколку има кју-ар код самата маркичка, ќе може да се види од каде потекнува, кој е изворот, каде е произведен итн.“,
објаснува Маженковски.
И додека цигарите ќе се следат со посебни маркички и кодови, за нафтените деривати има друг систем. Горивото во цистерните наменети за македонскиот пазар ќе бидат „обележани“ со вбризгување маркери.
„Кога еден камион би транзитирал низ нашата земја и нелегално би скршнал од патеките, таквото гориво нема да биде маркирано и доколку се појави на бензинските станици преку системот на маркирање ќе биде регистрирано и тоа автоматски ќе ги одвраќа сите структури кои сакаат да се занимаваат со нелегална трговија“,
вели Маженковски.
Но, зошто има потреба од јавно-приватни партнерство и дали е тоа признание дека државата не е способна самата да се носи и справува со овие проблеми?
„Овие системи и во другите земји се воведуваат на сличен начин, преку јавно-приватно партнерство и други модели. Државата во секој случај ќе си има контрола на податоци на сведливост и така натаму. Државата воопшто нема да ги изгуби тие ингеренции, напротив, има постапки во кои државата треба да ангажира дополнително лица непотребно и затоа се прибегнува на систем на ЈПП.
– Дали значи дека Царинската управа ќе се откаже од дел од ингеренциите?
Никако. Напротив, овие системи се дополнување на постојните системи што царинската управа ги има“,
тврди Маженковски.
Колку ќе чини новиот систем, засега нема проценки, барем за јавноста. Надежта на Владата и премиерот е дека трошокот ќе се покрие со поголеми приходи во Буџетот.
„Имаме случаи кога влегуваат во државата цигари поради транзит, а многу често се случува да не излегле од државата. Еден камион има 100 000 евра акцизи за плаќање, зборам за еден шлепер со цигари“,
вели Заев.
Идејата, до нејзината реализација, секако, е подложна на промени. Но, во следните два месеца ќе треба да се отворат сите карти и да ѝ се објасни на јавноста – како владата планира да ги собира акцизите во иднина и зошто не може тоа да го прави сама.