Лани, на 11 мај, како бомба одекна веста дека полицијата уапсила неколку дилери на хероин и кокаин, а притоа ги дознала и нивните „клиенти“.
„Адвокати, директори, банкари, вработени во јавната администрација, но и менаџери на кафе барови и ноќни клубови и ресторани биле редовни клиенти кои набавувале кокаин од организираната криминална група,“
пишуваа дел од медиумите.
Имињата не излегоа во јавност, а и не се дозна колку точно дрога е запленета.
Седум месеци подоцна, во декември, се случи следната голема нарко-приказна во земјава. Уапсена е актерката Силвија Стојановска за обид за шверц на 700 килограми кокаин. Случајот изграден со меѓународна соработка, не резултираше со заплена на дрога во земјава.
„Силвија Стојановска е опишана како соработник, преку неа се пренесувани значителни суми пари, дејствувала како логистика, а со таа цел во текот на летото патувала и во Шпанија“,
гласеа дел од медиумските написи.
Повторно со меѓународна соработка, македонската полиција во февруари годинава најде кокаин во Крушопек, скриен во пратка банани од Колумбија. Првичниот „балон“ дека станува збор за заплена од 1,3 тони кокаин од полицијата тогаш предводена од министерот во техничката влада Наќе Чулев, се „издиша“ веќе следниот ден.
„Во скопското село Крушопек беа откриени и запленети само дел од целокупната, односно еден килограм кокаин, кој што според првичните информации, како што кажав е дел од поголема количина која требаше да заврши во нашата држава“,
изјави тогаш Чулев.
И додека МВР нема многу со што да се пофали кога е во прашање хероинот и кокаинот, речиси секој ден во билтенот има апсења и заплени за марихуана. Дали е точен заклучокот дека на македонската полиција не и оди добро борбата против тешките дроги?
Во Центарот за зависници во Кисела Вода, најголем дел од зависниците во Скопје ја примаат својата метадонска терапија. Во дворот нема голема раздвиженост, најверојатно, поради ковид-19 епидемијата. Нема нови податоци колку нарко-зависници има во моментов во земјава, а последните официјални од 2017 година се дека 6 750 лица инјектираат хероин или метадон. Иако невидливи, тие и во моментов се борат со зависноста.
Невладината организација ХОПС активно помага во превенцијата од дроги во 13 општини во земјава. Според Влатко Деков, ако секој зависник користи по 0,25 грама хероин секој ден во годината, тоа значи дека на домашниот пазар се тргуваат околу 600 килограми хероин.
„Толку тежи пазарот во Македонија. Тоа е максималната количина на хероин, која треба да се внесе во нашата земја. Искрено, сметам дека количината е и помала. Бидејќи голем дел од луѓето кои употребуваат хероин, тие кои се долгогодишни корисници, знаат да употребуваат метадон како замена. Истите тие супстанци ги миксаат, комбинираат и инјектираат“,
вели Влатко Деков од невладината ХОПС.
Колку е успешна полицијата против трговијата со хероин може да се види ако се вкрсти претпоставената потрошувачка со податоците за запленета дрога кои ги обезбеди „360 степени“.
Црвената линија претставува вредност од 600 килограми годишно, додека сината линија е количината која полицијата ја запленувала секоја година. Се поголемата разлика значи дека МВР се потешко фаќа значителни количини. Или, по години, во 2010 МВР фатило 37,1 килограм хероин, следната година 23,7 килограми, па 55,3 килограми во 2012 година. Потоа, во рок од четири години, запленети на хероин паѓаат до комични количини – 800 грама за цела 2016 или 730 грама за цела 2019 година. Годинава, иако незавршена, за првпат по пет години МВР покажува пристоен резултат од близу 10 килограми запленет хероин.
„Ние реално работиме на сузбивање на нелегалната трговија со дрога со сите наркотици. Не правиме разлика дали се преферира било која од нив. Напротив, се прават сериозни планови и имаме постојано приведување на дилери, односно на организирани групи коишто се занимаваат со нелегална трговија со дрога“,
одговори портларолот на МВР, Тони Ангеловски.
Додека МВР тешко се справува со хероинот, на пазарот е се попопуларна друга дрога – кокаин. Според ХОПС, го земаат и средношколци и тој се почесто е прва дрога на употреба дури и пред марихуаната.
„Дефинитивно има тренд на зголемена употреба на кокаинот. И тој тренд не е исклучиво поврзан само со Македонија. Ваквото зголемување е забележано во сите други околни земји. Црна гора, Србија, Грција и Бугарија. Очигледно е дека се зголемува употребата на кокаинот….. Трендот на зголемување ни покажува дека не е исклучиво луѓе кои се богати да користат кокаин. Тоа беше така во минатото. Сега за 1200 денари, многу луѓе можат да си дозволат да користат кокаин само преку викенд, еднаш неделно или еднаш во две недели. Тоа не беше случај претходните години“,
вели Деков.
ХОПС нема проценка колку тежи пазарот на кокаин во земјата, но податоците за запалените се чини дека се реплика на состојбата со хероинот.
Најголемите заплени, ако можат да се наречат такви, се од пред десет години. 2 килограма во 2010 и 1,5 килограми во 2011 година. Оттогаш, па се до годинава, вкупните годишни заплени се бројат во грамови. Меѓу нив, 15,3 грама запленети цела 2013 година или 70 грама запленети цела 2015-та. Годинава повторно е надминат прагот од 1 килограм. Но, ако се одбие кокаинот од Крушопек, фатен со меѓународна полициска соработка, бројките се во рамките на просекот.
Од МВР и за овие податоци се на ист став – се борат еднакво против сите дроги.
„Апсолутно, полицијата работи на сузбивање на било каква недозволена трговија со дрога. Се разбира, зависноста од тоа за каква дрога станува збор и за каква група организирана којашто нели работи со таа недозволена трговија со дрога се преземаат соодветни мерки. Кога станува збор за кокаинот, ние имаме повеќе меѓународни акции во коишто голема заслуга има македонската полиција а во овие акции се санкционираат и македонски граѓани значи“,
вели Ангеловски.
Универзитетскиот професор Злате Димовски има своја теза за ваквите состојби. Неговото објаснување, вели, можеби не е коректно, но е факт.
„Сега мора да кажеме дека во самите криминални организации членуваат или се плаќаат луѓе кои ги знаат процесите, ги знаат сите елементи, структурата на полициските служби, поставеноста, дури одат до тоа да знаат кој е на смена во одреден временски период, кога треба некој да помине… Дефинитивно, корумпирањето и договарањето најчесто доаѓа преку царинските служби и полициските служби. Можеби не е коректно што го кажувам ова од аспект на полицијата или царината, но сепак факт е дека такви процеси постојат… Последниот елемент е и самото корумпирање на политичарите“,
смета Димовски.
И додека на МВР тешко му оди борбата со хероинот и кокаинот, полицијата бележи растечки успех во борбата против трговијата со марихуаната.
Во 2010, на пример, биле запленети 459 килограми марихуана, следата година 286 килограми, а во 2012 година вкупно 784 килограми. Во тие граници се бројките и за другите години се до 2017 година, кога МВР запленил 1,5 тони. Близу еден тон е запленет и лани, а годинава веќе се запленети 1,3 тони.
Објаснувањето на полицијата е дека најмногу се фаќа марихуана, бидејќи најмногу ја има.
„Пред се во нашата држава најмногу се консумира нелегално марихуаната. И пред се според цената дека е најдостапна и другите причини кои ги знае јавноста, полицијата санкционира недозволена трговија со дрога, но точно е дека најголеми количини се на марихуана“,
вели портпаролот на МВР, Ангеловски.
За работата на МВР против трговијата со дрога, во неколку наврати реагираше и ВМРО-ДПМНЕ. Па, опозицијата ја соочивме со фактот дека кога се во прашање тешките дроги, бројките во нивниот последен мандат биле полоши и од сегашните.
Партискиот портпарол вели – тоа е резултат на претходниот успех.
„Доколку еднаш се спречи проток на огромна пратка и се пресече одреден канал кај што се вршела нелегална трговија на наркотични средства, многу тешко може потоа наркодилерите да го спроведат истиот канал. Така да посериозните заплени кои ги има правено МВР кога било под водство на ВМРО-ДПМНЕ значело и пресекување на каналите кои подоцна е многу тешко да ги обноват наркодилерите и затоа стапката на заплена била многу помала од некои егзибиционисти кои се обидувале да воспостават нелегален трансфер на наркотични средства“,
вели портпаролот на партијата, Димче Арсовски.
Арсовски признава дека МВР сега работи повеќе против незаконската трговија со марихуана. Но, вели дека за тоа има друга причина.
„Многу од оние луѓе кои што одгледуваат марихуана во РМ немаат каде да ги пласираат своите производи, конкретно мислам на хиперпродукција на лиценци на фирми за марихуана кои ги добија, произведуваат а немаат каде да ги продаваат своите производи. Сите знаеме дека тие компании, најголем дел, за кои што јавно говоревме се поврзани со структури од власта или блиски до структури на власта, така да можеби има еден картелски судир каде МВР ги сузбива сите оние да речам ланец на марихуана кој шверцува низ државава за да остави простор другите т.н. легални компании да продаваат нелегално на црн пазар но не е докажано и не е истражено, би требало јавното обвинителство да истражи за да може полесно да помине на пазарот“,
смета Арсовски.
„Таквите коментари се небулозни и несериозни. Марихуана се запленува со години наназад, без разлика кој е на чело на министерството. Со самите статистики ќе видите дека марихуана се запленува постојано. Така што апсолутно се небулозни таквите коментари“,
одговара Ангеловски.
Настрана од политиката, универзитетскиот професор Димовски вели дека веќе се работи на нови модели кои ќе ја подобрат борбата против трговијата со дрога. Тие подразбираат поорганизирана соработка и размена на информации меѓу единиците во полицијата и другите институции.
„Тоа се цела една методологија развиена, постапки кои треба да се применуваат за да се добие една убава информација која ќе има целовитост и ќе зборува за одреден процес, настан, лица. Сето тоа во светот веќе се применува. Пробуваме веќе тоа и кај нас тоа да го направиме. Нашиот Факултет за безбедност веќе има неколку програми, како ние да го развиеме тој процес на разузнавање, што треба да се преземе и да се прави. Мислам дека тој процес ќе трае, малку ќе биде подолгорочно, но ќе мораме да се вклопиме на таквите начини на работа“,
вели професорот Ангеловски.
Ако сепак се спојат бројките за сите апсења, без разлика дали фатените дилери продавале марихуана, кокаин или хероин, генералната слика е дека земјава бележи напредок.
До пред три години, вообичаено биле регистрирани по околу 600 сторители годишно кои незаконски произведувале, продавале или овозможувале употреба на дроги. Лани таа бројка е речиси 900.
Но, како што покажуваат податоците, напредокот се должи пред се на успехот во борбата со марихуаната. Ако има подобрување и против тешките дроги, напредокот ќе се види откако ќе отворат Центрите за зависници. Ако се намалува бројот на оние што бараат помош и лекување, тоа ќе биде показател дека нешто тргнало напред. Но, дури и да е така, алармот ќе продолжи да свети силно црвено.