„Пратеникот ги претставува граѓаните и во Собранието одлучува по свое уверување.“
Оваа одредба, запишана во член 62 од Уставот, не значи ништо во пракса, покажаа настаните во и околу парламентот во последните неколку месеци.
За доцентот по уставно право и политички систем, Марко Кртолица, лидерските средби се во функција на решавање политички кризи, што на краток рок дава резултати. Но, на долг рок му нанесува штета на демократскиот развој на политичкиот систем.
„Податокот дека одлуките ни се носат од страна на неформални институции, наместо формални политички институции кои сме ги избрале демократски и од кои очекуваме да бидат центарот на креирање на политиките, одлуките и законите, е сликовит приказ за граѓаните дека во ова општество нема владеење на право, нема владеење на институции, туку многу повеќе владеење на поединци, односно на политички лидери“,
вели Марко Кртолица, доцент на Правен факултет „Јустинијан Први“, УКИМ

Позитивно, според Кртолица, е што има тренд на намалување на посредништвото на меѓународниот фактор, но одржувањето лидерски средби е порака до институциите – дека не треба да се трудат да функционираат професионално, зашто, на крајот, одлуките доаѓаат од други центри на моќ.
„Носењето на клучни политички одлуки од неформални институции, зад затворени врати, тајно и нетранспарентно, од мала бројка на луѓе, политички лидери на неколку политички партии, многу повеќе дава опис на авторитарен дух, отколку на демократски дух. Многу повеќе дава опис на нефункционална држава, на поделена држава, па дури и на пропадната, наместо на функционална, демократска и досадна држава“,
додава Кртолица.
И за колегата на Кртолица – професорот Александар Спасеновски, кој е поранешен пратеник, лидерските средби се изместување на тежиштето на политичко одлучување надвор од институциите, што го смета за знак на слабост на конкретната институција, во овој случај Собранието.
„Не ускратувајќи го правото на политичките лидери да разговараат и да носат решенија со кои ќе се унапредат процесите во оваа држава, сметам дека политичките лидери треба да внимаваат на две нешта. Прво, во однос на јавноста и начинот на кој се одвиваат таквите лидерски средби и второ, да внимаваат во однос на местото и составот на тие лидерски средби. Бидејќи, доколку тие се одвиваат во Собранието и во присуство на координаторите на пратеничките групи, на тој начин ќе се придонесе да се зајакне интегритетот на таа институција“,
смета Александар Спасеновски, универзитетски професор.

Надвор од професорските кабинети, дел од правниците во улога на пратеници, имаат друго мислење за лидерските средби. Некои ги оправдуваат како повисока цел за доброто на граѓаните, а други – дека се стимул и дополнување на политичкиот дијалог што се одвива во Собранието.
Пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева, вели дека најголем дел од отворените прашања се пеглаат на редовните координации кај претседателот на парламентот, но и дека лидерските средби, како последната, се добредојдени.
„Едното не може да го супституира другото. Лидерските средби имаат сосема друга димензија и сосема друга потреба и тоа е најчесто во ситуација кога имаме драстично поларизирани политички ставови. И тогаш се тие и пожелни лидерски средби. Не за да го заменат Собранието, туку за да се види дали може да има доближување од политички аспект за одредено прашање, кое ете навистина до толку ги поларизира страните.Ќе бидам пресреќна доколку ние како општество созрееме и како политички чинители, сите такви недоразбирања, потреби и различни мислења, ставови – да бидат решавани исклучиво овде во парламентот“,
вели Снежана Калеска-Ванчева, пратеничка од СДСМ.

За Тимчо Муцунски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и доцент по римско право, толкувањето на последната лидерска средба како неинституционална, не е најсоодветно, бидејќи веќе имало преговори во рамки на Собранието, кои се уште траат за дел од отворените прашања.
„Факт е дека во Македонија се има создадено поистакната пракса, посебно во тој период, ако се сеќавате ,на преговарање во Пржино, на деинституционално преговарање, значи правење политички договори надвор од институциите и наметнување на решенија во Собранието. Тука во овој случај има суштинска разлика. Некогаш доколку и лидерите на партиите можат да помогнат, да го фасилитираат тој дијалог не е на одмет, но секако без да се делегитимира Собранието. Мислам дека овој пат имаше сериозна внимателноста во таа насока и, на крај, се дојде до разумно решение, посебно поврзано со пописот и со Изборниот законик. Односно имплементирање конечно на ‘фингерпринт’ на самиот чин на гласање. А што се однесува до другите отворени прашања, повторно ќе напоменам, дијалогот ќе се случува во рамки на Собранието“,
вели Тимчо Муцуснки, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Делумно успешно решение за да се спречи поголема политичка криза, е оценката на пратеникот од Левица и доцент по право, Димитар Апасиев, за последниот политички договор од средбата Заев-Мицкоски. Тој, инаку, е против вонинституционални преговори.
„Ние имаме теза дека тие лидерски средби се легитимни доколку прво, се во институциите и второ без присуство на странци. Овие услови ги исполнуваше оваа лидерска средба. Така што, не е проблематична од тој аспект, бидејќи ние во минатото сме имале и тајни консултации на Маврово, на викендици, по приватни објекти кои го делегитимираат институционално уставно поставениот систем. Оваа не беше таква и делумно ја разреши кризата, иако според мене, ја одолговлечи, бидејќи со истиов закон за попис ние повторно ќе имаме проблем во септември“,
смета Димитар Апасиев, пратеник од Левица.

За Апасиев е оправдан и форматот на средбата – само со претставници на партии од македонскиот блок, толкувајќи го како пандан на т.н. тиранска платформа.
А токму таквиот формат, пак, е најголем проблем за опозициските партии од албанскиот блок. Лидерските се оправдани само ако се во мултиетнички состав и со претставници на повеќе парламентарни партии, смета координаторот на пратеничката група на Алтернатива и Алијанса за Албанците.
„Ова е реалниот проблем. Не може да се запостават сите пратеници, да не го дадат своето мислење за секое прашање, бидејќи пратениците се тие што го гласаа предлог-законот за попис и тие ќе сносат одговорност за резултатот од пописот и пропаѓањето на истиот. Затоа, секое политичко одлучување без претходна консултација и со политичките челници на пратениците кои се во Собрание, е во спротивност на демократските вредности на земјата“,
вели Скендер Реџепи, пратеник од Алтернатива.

А што мислат граѓаните на оваа тема? Во неодамнешната анкета на Институтот за демократија, прашани да се изјаснат за ставот дека политичките кризи треба да се решаваат во Собранието, а не на лидерски средби, 47 отсто рекле дека целосно се согласуваат, а 27 отсто делумно. Со констатацијата дека пратениците се целосно зависни од волјата на лидерите на партиите, пак, целосно се согласуваат дури 60 отсто од граѓаните.