Зошто Судскиот совет му изрече само парична казна во ноември минатата година кога решаваше за утврдување одговорност кај апелацискиот судија Енвер Беџети, објаснуваше тогашниот претседател на Судскиот совет, Сашко Георгиев, во интервју за „360 степени“ емитувано на МРТ 1 на 27 ноември 2023 г. Погледнете го тој дел од интервјуто во видеото подолу
Судијата во Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, заедно со ексвицепремиерот Артан Груби од вчера е на црната листа на САД, поради вмешаност во значителна корупција, конретно поради примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со ексдиректорот на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.
Во ноември минатата година, кога Судскиот совет решаваше за утврдување одговорност кај судијата Беџети поради тоа што повеќе од девет месеци во фиока го чуваше предметот за масовното незаконско прислушување „Таргет-Тврдина“, постапката заврши само со парична казна за него, а не и разрешување.
„Потребни се осум гласа за разрешување судија, а во овој случај немаше”, рече тогашниот претседател на Судскиот совет, Сашко Георгиев, во интервју за „360 степени“ емитувано на МРТ 1 на 27 ноември 2023 г. Според Георгиев, постапката за утврдување одговорност кај судија има неколку етапи на одлучување по извештајот од тричлената комисија.
„Сега, со новиот закон по којшто работиме од 2019 година, оваа комисија не дава предлог, туку изготвува фактички извештај за фактичката сосотјба од настаните кои се предмет на оценка, односно од барањето во кое се бара одговорност за судијата. Предлог нема, но согласно законот е предвидено дека по изнесената фактичка состојба се донесува одлука во која со најмалку седум гласа се запира постапката. Во овој случај не е запрена со седум гласа, туку се продолжува понатаму. Согласно законот, одиме по редослед. Најмалку осум гласа е потребно за да се донесе одлука за разрешување на судијата, а во овој случај немаше осум гласа. Кога е ваква сосотојба, согласно законот, се продолжува да се оди прво со дисциплинските мерки коишто се изразени во парична казна од 15-30% и најмалата казна е изразување јавен укор или опомена. Во случајов осум гласа доби намалување 20% од платата во период од шест месеци“,
рече тогашниот претседател на Судскиот совет, Сашко Георгиев.
Според Георгиев, судиите одлучуваат по сопствено убедување, а дел од нив изнеле аргументи зошто гласале против разрешување на судијата Беџети.
„Овој судија којшто го имал предметот како известител во второстепена постапка е само еден од судиите во советот што решавал, во овој случај беа пет судии. Тука станува збор за кривичен совет во кој овој судија е известител, но е состав од сите пет судии. По нечие убедување, дел од колегите сметаа дека можеби станува збор за колективна одговорност на целиот совет и тука беа нечии аргументи зошто само овој судија да понесе одговорност. Од друга страна, овој судија претходно имал солидни резултати во неговото работење, постигнати бодови, а претходно имаше и апликација за унапредување“,
рече тогаш Георгиев.