На 13 август, на годишнината на Рамковниот договор, во индустриската зона кај Тетово се собраа целиот владин и врвот на ДУИ за да означат почеток на голема инвестиција – изградба на фабрика за електрични автомобили со помош од државата со околу 45 милиони евра. Најавите беа дека градежните работи ќе почнат за шест до осум недели, но и по двојно повеќе поминато време на локацијата нема ниту машини ниту работници. Што се случува со проектот на кој од почеток се гледа со скептицизам, најмногу поради неуспехот на компанијата да се пробие на светскиот пазар со производот кој сега треба да се прави кај Тетово?
И министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, тврдат дека сè тече според планираното и дека изградабата на фабриката ќе почне наскоро
Реткост е на едно место да се појават лидерите на двата најголеми коалициски партнери, плус претседателот на Собранието, плус половина влада, плус директори…
„Денес ќе се постават темелите на инвестиција која само во првата фаза тежи 130 милиони евра и којашто ќе отвори најмалку 890 нови добро платени работни места“,
рече премиерот Димитар Ковачевски на 13 август годинава.
Поводот, овој 13 август, беше – камен темелник на фабрика за производство на електрични автомобили, на германската компанија Е-ГО. Ниту датумот не беше случаен – годишнина од Рамковниот договор.
„Дали таа индустрија на глобалниот пазар има перспектива? Да. Дали таа е одржлива за животната средина? Да. Дали ќе создаде нова перспектива за младината? Да“,
рече министерот за финансии, Фатмир Бесими.
На настанот не беа дозволени новинарски прашања, па деталите се дознаа по церемонијата.
„Фабриката, според најавите што ги имаме, градбата на самиот објект треба да започне во следните 6 до 8 недели. Тоа значи дека многу брзо, на почетокот на есента, ќе го видиме почетокот на градежните работи“,
рече директорот на дирекцијата за ТИРЗ, Јован Деспотовски по завршувањето на церемонијата.
Предвидено беше изградбата на фабриката да започне 6 до 8 недели по помпезната најава. Но, 15 недели подоцна на локацијата има само камен темелник.
Иако е лесно да се пресмета дека рокот за старт е двојно пробиен, директорот на техничко-индустриските развојни зони уверува дека нема никакво доцнење.
„Самиот деловен план и на компанијата што ни е приложен и во договорот за државна помош предвидува последниот квартал од годинава да започнат градежните активности“,
вели Деспотовски.
Станува збор за фабрика која треба да биде трет капацитет во тетовската зона, меѓу најголемите во државата, простирајќи се на над 120 000 квадратни метри. Половина од овој простор се планира за тестирање и за паркинг на електро-автомобилите.
„Е огромен објект на ‘Е-го‘, кадешто требаше да се спојат четири постоечки парцели во зоната во Тетово. Веќе тие процедури се завршени и во рок од една недела ќе се даде дозволата за градба каде што ќе можат да почнат и со градежни активности“,
рече министерот за економија, Крешник Бектеши.
Но, на Е-Го не ѝ оди бавно само во земјава. Минатата година тие најавија изградба на фабрика во Ловеч, Бугарија, а работите на терен почнаа годинава, неколку дена по најавата за инвестирање во Северна Македонија.
И покрај доцнењето во Бугарија, Бектеши очекува дека за 18 месеци од сега 900 работници од полошкиот регион ќе работат на новите електро-автомобили.
Роковите за изградба на фабриката на Е-го не се важни само за јавниот имиџ на инвеститорот и владата. Согласно договорот, државата е партнер во проектот и треба да обезбеди 33% од вредноста на инвестицијата или околу 45 милиони евра.
„Компанијата нема да користи никакви даночни олеснувања или ослободувања, односно повластици. Тоа значи дека од првиот момент кога ќе почне да генерира приходи или од првиот момент кога ќе почнат да се вработуваат веќе, а веќе почнува процесот на ангажирање на локален персонал, даноците, персонален, придонеси и данок на добивка ќе се влеваат во државата каса,“
вели Деспотовски.
Државната помош вклучува поддршка во градежните работи, во набавката на опрема и средства за доквалификување на работниците. Тоа, според Деспотовски, е стандарден пакет што државата го нуди на странските инвеститори.
И тој, но и министерот Бектеши уверуваат дека има заштитен механизам за да не пропаднат парите на даночните обврзници кои се планирани за инвестирање во германската автомобилска фабрика. Ангажирани се и надворешни ревизори кои ќе ја следат динамиката на изградбата на компанијата.
„Средствата нема да се доделуваат авансно. Тоа значи дека, информација за вас, веќе добивме информација од самата компанија, согласно условите од договорот, што е тоа што е веќе започнато како инвестициска активност во делот на набавката на опремата. Така што, откако ќе добиеме соодветна документација дека набавката е веќе во тек, дека одредени исплати кон добавувачите веќе се направени, согласно тоа ќе си ги следиме условите предвидени во самиот договор. Повторно ќе кажам, не исплаќаме ништо авансно и ја следиме динамиката на реализација“,
појаснува директорот на дирекцијата за ТИРЗ.
Според Деспотовски, државата ќе си го врати вложеното веќе во седмата година откако ќе почне масовно производство на автомобили – ако и кога ќе почне.
Дополнителен предизвик ќе биде да се најде и произведе квалификуван кадар за фабриката.
„900 не мислам дека е предизвик, напротив, особено што скопскиот регион е тука. Во делот на квалитет, како и секаде на друго место. Меѓутоа, заради опцијата да користат програми за квалификација, мислам дека ризиците, ќе се нивелираат. Нормално, подразбира дека она што е предвидено како плати, односно структура на плати во деловниот план ќе се испочитува“,
рече Деспотовски.
„Во моментот кога ќе почне изградбата објектот веднаш ќе се почне со регрутирање на луѓето што треба да бидат вработени од страна на менаџментот на ‘Е-го‘ и ќе имаме време од околу една година кадешто тие ќе можат да се квалификуваат за нивните потреби“,
вели Бектеши.
Иако од старт е промашен рокот за почеток на изградбата на фабриката за електрични автомобили во Тетово, властите уверуваат дека се тече според очекуваното.
Единствени од кои побаравме, а не добивме одговор, се одговорните во компанијата што треба да инвестира – германски „Е-го“. Првично изразија интерес, но потоа не реагираа на нашето барање за коментар.
Компанијата, во моментов, не ужива углед на значителен производител на електрични автомобили. А и тоа што во земјава се најавува како голема фабрика, на интернет-страницата на Е-го е опишано како микро-фабрика во Северна Македонија.