
Љубопитност, саботажа или случајни грешки? Од 52.000 корисници на апликацијата „Стоп корона“, речиси 1.500 се пријавиле дека се позитивни на ковид-19. А, всушност, никој од нив не е.

– Министерството за здравство реално има евиденција кој е реално позитивен на ковид-19 и чии реални податоци им требаат, а се друго што стасува намерно или ненамерно се брише,
објаснува министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.
Авторите на решението за дигиталното препознавање на болните и потенцијалните заразени од коронавирусот, најавуваат надградба на апликацијата за да се спречи испраќање лажни податоци.

– Ќе бара да биде примен смс-код од здравствените власти за да може да доставите податоци до централниот сервер,
вели Саша Гавроловиќ од компанијата „Некстсенс“.
„360 степени“ трагаше по одговорите и од авторите и од имплементаторите – Министерствата за информатичко општество и за здравство за успешноста на проектот, полезноста за епидемиолозите, како и за се погласната дилема за безбедноста на личните податоци.
На 26 февруари Министерството за здравство го регистрираше првиот случај на ковид-19 во земјава. За нешто повеќе од 2 месеца, бројката на дијагностицирани во државава изнесува околу 1.500. За три пати помал временски период, односно за 20 дена откако Министерството за информатичко општество ја промовираше дигиталната алатка „СтопКорона“, идентичен број граѓани пријавиле дека се позитивни на вирусот, иако не биле. За да се избегнат такви случаи, апликацијата ќе биде надградена.
„Веќе, за да ги испратите податоците доколку сте тестирани позитивно за ковид 19, буквално треба 3 пати да потврдите, откако ќе се обидете да ги пратите податоците, има уште 2 дополнителни прашања кои алармираат дали сте сигурни, дали сте позитивни за ковид 19. Tие податоци кои не се потврдени согласно базата на податоци на здравство дека овие луѓе се позитивни на ковид 19, се бришат“,
информира за новитетите министерот Манчевски.
Ваквите “спамирани“ информации стигнале на серверите инсталирани во Министерството за здравство. Од тамошниот кол – центар изготвиле репрезентатитен примерок од 10 насто и телефонски контактирале околу 150 граѓани кои се пријавиле дека се позитивни на корона. И сите до еден биле лажни. Објаснувањата кои ги давале биле дека – не прочитале што пишува или сакале да видат што ќе се случи.
„Од нив беше побарано да се обратат во МИОА со барање таквите контакти да бидат избришани. Отсега нема да може доброволно да се праќаат податоците. Епидемиологот кога ќе му соопшти на пациентот дека е позитивен, ќе го праша дали има инсталирано апликацијата и ќе му даде код кој ќе го внесе во самата апликација при испраќањето на податоци. Само на тој начин ќе бидеме 100% сигурни“,
ни одговорија од Министерството за здравство.

Најмасовното инсталирање на апликацијата „СтопКорона“ се случило во првата недела откако стана достапна, за потоа интересот да опадне по отворената дебата за безбедноста на личните податоци. Министерството не располага со конкретни информации – колку луѓе поради оваа причина ја избришале апликацијата. Манчевски најавува дека неделава работна група од ИТ-експерти и универзитетски професори ќе излезе со независно мислење во однос на стравувањата на граѓаните за загрозената приватност.
„Има и такви лично кои ги познавам, кои ја симнале апликацијата, но поради неоснованите сомнежи кои се појавуваат од страна на одредени објавите на онлајн медиуми и социјалните мрежи, веројатно се обесхрабруваат, па се бришат, па се јавуваат кај нас бараат гаранции и аргументи зошто треба да ја поседуваат апликацијата. Од земја која е најниско на рангирањето на ПИСА во однос на образованието на луѓето, навистина имаме најголем број на експерти по глава на жител за која било тема“,
вели Манчевски.

„СтопКорона“ е донаторски производ на компанијата „Некстсенс“. Водечките лица на ИТ-фирмата уверуваат дека безбедноста на информациите на граѓаните е неспорна, бидејќи освен телефонскиот број не се оставаат никакви други лични податоци. Еден од директорите, Саша Гавриловиќ, објаснува зошто, сепак, некои оперативни системи бараат вклучена ГПС-локација, иако нивната апликација не го предвидува тоа.
„Зборуваме само кај андроид уредите, и тоа не кај сите андроид уреди. Еден дел од андроид уредите, со цел да работи да работи блутут протоколот, тоа е пособен протокол кој се користи за да не троши многу батерија, а реално да може да се разменуваат информации, кај дел од андроид уредите бараат за подобро функционирање на блутут протоколот, бараат активирање и на ГПС. Така што тоа е до самиот оперативен систем“,
објаснува Гавроловиќ.
Дигиталното мапирање на заболените од ковид-19 и лицата кои биле во нивно опкружување е пристап кон кој посегнаа повеќе држави во светот. Но, едно неодамнешно истражување на Оксфорд универзитетот предупредува на можните недостатоци во ефикасноста. Нивната компјутерска симулација за употреба на ваква апликација во град од 1 милион жители покажала дека апликацијата треба да се инсталира на најмалку 80 отсто од телефоните, а за да даде резултати активно да ја користи барем 56% од населението. Втор проблематичен сегмент е користењето на блутут, бидејќи неговиот опсег е далеку помоќен од пропишаната социјална дистанца од 2 метри.
„Конкретно кај нас информациите во системот ги евидентираме до 20 метри. Се зависи од квалитетот на уредот и зависи од други уреди кои се наоѓаат во близина. Од нашите тестирања што ги направивме, не секогаш два уреди даваат точна информација за дистанцата ако има присуство на други електронски уреди, ако ви е телефонот во ташна, имаме зрачење од лаптопот, тогаш не е егзактна дистанцата. Битно е да биде евидентирана тие информации да ги дадеме на здравствените власти, бидејќи самиот вирус може со тек на времето да мутира. Па таа дистанца од два метри да не биде релевантна, да биде релевантна од 3 метри, а времето не е 20 минути може да биде 10 минути или повеќе“,
вели Гавриловиќ.
Со оглед на тоа што следува период на намалување на рестриктивните мерки, властите ќе се обидат да го намалат скептицизмот кај граѓаните за да обезбедат помасовно користење на апликацијата. Една од мерките што се разгледуваат е преку матичните лекари да им се укаже на пациентите за полезноста од нејзино инсталирање. Тоа би бил еден од начините за да се стигне до бројката од 250 илјади корисници, која според институциите, е потребна за епидемиолозите да имаат реална корист од податоците од „СтопКорона“.