На социјалните мрежи се споделуваат видеа од Охрид кој е преполн со посетители за време на продолжениот викенд. На снимките се гледа одржување на масовни журки на охридските плажи. Никој од присутните не ги почитува мерките за заштита од ковонавирусот. „Македонски вухан, #Охрид, #Градиште“, стои во написот на едно од видеата.
На ова реагираа од Асоцијација на специјализанти и млади лекари (АСМЛ).
„Ова е пораз на целата држава. Од образование, до полиција. Од семејството до институциите. За ова мора одговорност!!! Нема ова повторно да оди на грбот на лекарите и здравствените власти!“,
реагираат од АСМЛ.
На фотографиите од продолжениот викенд во Охрид, како и на видеата се гледа дека посетителите, главно млади, ниту носат заштитни маски, ниту држат растојание.
Министерот за здравство Венко Филипче неколку пати порача да се почитуваат мерките за заштита од ковид-19, оти, како што вели тој, лежалката лесно може да се замени со болнички кревет. И за време на продолжениот викенд министерот апелира на совесност.
„Ти си на одмор, но вирусот не е! Носи заштитна маска или марама кога не можеш да одржиш физичка дистанца. Да се заштитиме од ковид-19, да ги почитуваме мерките за да го стопираме ширењето на овој непредвидлив вирус. Да бидеме совесни за најблиските околу нас. Од самите нас зависи!“
напиша на фејсбук Филипче.