Најголем дел од политичката пропаганда на интернет порталите на последните парламентарни избори, која патем се плаќа од државнот буџет, промовирала мажи. СДСМ е единствената партија која достигна баланс во промоцијата на жените и мажите кандидати, ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека кандидирале жена за претседател на државата, додека кај партиите на Албанците на овие избори беа рекламирани исклучиво мажи
Странски и домашни експерти велат дека исплатата на државните пари за партиски реклами треба да се услови со поголема родова еднаквост при рекламирањето
Ова е промотивно видео на Државната изборна комисија (ДИК) со кое се повикуваат граѓаните да го остварат гласачкото право на годинашниве парламентарни и претседателски избори. Го објавија на социјалните мрежи, телевизиите, порталите.
Има две сцени – жени во фризерски салон и мажи на пазар што меѓусебно се информираат за гласањето споделувајќи рекламни флаери.
Во длабинската анализа за рекламирањето на порталите која ја изработија меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС и фондацијата „Метаморфозис“, поддржани од владата на Обединетото кралство, се забележува дека таквото претставување ги зајакнува стереотипите. За жените, како пасивни чинители, загрижени за нивниот изглед. За мажите, пак, како активни чинители кои преземаат одговорност за домаќинските работи..
Од ДИК велат, намерата била да информираат, но ја прифаќаат и критиката.
„Сепак, во изработката на вакви материјали можат да се појават предизвици во однос на урамнотежено прикажување на родовите улоги. ДИК ги зема предвид забелешките од релевантни организации и јавноста, како што се наодите од истражувањето на фондацијата „Метаморфозис“. Ова ни укажува на потребата од посеопфатен и родово сензитивен пристап при креирањето на идните видеа,“
велат од Државна изборна комисија.
Промотивното видео на ДИК е само капка во морето кога станува збор за родовата еднаквост во рекламите за изминатите избори. Уште повпечатливо е како партиите ги претставуваат своите кандидати и кандидатки при платеното рекламирање на порталите.
ВМРО-ДПМНЕ, меѓу шесте носители на листи за пратеници, имаше само една жена, Дафина Стојаноска. Според анализата, вкупниот број нарачани банери со кои партијата ги рекламирала своите носители е 1 065. Од нив, за промовирање на Стојаноска искористени се 62 или шест отсто. Сите останати рекламни банери промовираа кандидати мажи, а најмногу лидерот Христијан Мицкоски кој бил застапен на 376 рекламни банери или 35 отсто од вкупниот број.
„Застапеноста на жените за носителки, јас се согласувам дека треба да имаме повеќе и нормално како претседателка на Унијата на жени таа е мојата тенденција да имаме повеќе жени. Притоа, при одлучувањето за носителки на листите се одлучуваше не само од компетентноста, искуството во партијата, од препознатливоста на личноста кај народот, од прифаќањето од страна на народот, но истовремено анализиравме кој сè тоа може да го поднесе. Јас лично имам две големи функции – пратеник сум во Собранието и претседателка на Унија на жени што е исклучително захтевна работа, бара многу време, многу организација. Јас лично не се чувствувам оштетена, на некој начин, зошто не бев носителка на листа, иако бев втора на листа. Речиси паралелно имавме активности, речиси сите активности со носителот на листата кој беше маж во нашата изборна единица. Нормално, тој предничеше со сите гостувања по телевизии, иако јас мислам дека доволно се претставив и во кампањата на дебатни емисии итн.“,
вели Жаклина Пешевска – пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
Пешевска забележува дека има слаба застапеност на жени на извршни функции, малку жени министерки во Владата, како и мал број градоначалнички. Но, зборува и дека политиката е се помалку атрактивна за жените.
„За среќа, имаме прва жена претседателка и тоа беше една тенденција, борба на жените во Македонија да имаме прва жена претседателка која што се оствари со огормна поддршка од страна на нашата партија. Тука покажуваме како партија пошироки гледишта на работите, дека и највисоките функции во државата може да ги води жена. Е сега за факторите и условите ни треба една подолга елаборација зошто не се нафаќаат, а мислам дека треба да се спомене заради тоа што обично во последниве децении политиката станува неатрактивна не само за жените, туку и за млади луѓе. И затоа треба да се запрашаме, како активни чинители во општеството, зошто е тоа така“,
додава Пешевска.
СДСМ имаше поинаква стратегија со родово мешани парови на кандидати на повеќето рекламни банери. Имаше жени носителки на листи во две изборни единици, а три жени беа втори на листите. Според анализата на ИФЕС и „Метаморфозис“, од вкупно нарачани 605 рекламни банери, маж и жена заедно биле прикажани на 394 или на 65 отсто од банерите. Тогашниот лидер на партијата Димитар Ковачевски е единствениот што беше претставен сам на рекламните банери и за него се објавени вкупно 198 или 32 отсто од вкупниот број банери.
„Да, тоа го почнавме за парламентарните избори во 2020 година и сега продолжуваме со таа тенденција. Мислам дека навистина делуваше многу емпатично и симпатично кон гласачкото тело. Од друга страна, за првпат на политичката сцена имаме вакви тандеми од маж и жена. Одиме сè понапред и понапред. Ако во 2020 година имавме една носителка на листа, сега веќе имаме две жени носителки. Јас сметам дека и на следните парламентарни избори треба да има повеќе жени носителки, иако кај тој тандем беа исти одговорностите меѓутоа и нивната презентација во кампањите и во самиот пропаганден материјал“,
смета Сања Лукаревска – пратеничка од СДСМ.
Лукаревска вели дека СДСМ работи на промоција на своите жени политичарки за да има што повеќе кандидатки за претстојните локални избори.
„Па видете, гледајки го новиот тим на раководство на претседателот Венко Филипче гледаме дека таму од четири потпретседатели три се жени. Претходно, нели, напоменав за заменик претседателката. Огромен број жени има во рамки на извршниот одбор. Дел се млади, дел се доста искусни. Тоа е една комбинација која што мислам дека е добитна. Треба да се даде шанса на таков простор. Гледајќи го тој момент, сметам дека и во рамки на локалните избори на советничките листи жената ќе го има приматот и така треба да биде. Борбата на жената, се додека сè уште зборуваме за некаква борба и за некакви права, сметам дека борбата не е завршена. Но, само заеднички можеме да успеме без разлика кој од која политичка партија доаѓа бидејќи нападите на политичар кој што доаѓа од редовите на СДСМ, жена, и политичарка која што доаѓа од редовите на ВМРО ДПМНЕ или од редовите на ДУИ секако дека се исти по истиот тој основ“,
додава Лукаревска.
Кај партиите на Албанците, состојбата е забележително полоша. Ниту коалицијата „Европски фронт“, ниту коалицијата „Вреди“ имаа жени носителки на листите за парламентарните избори.
И кај едните и кај другите прашавме – зошто? Од ДУИ не ни одговорија на нашите прашања. Од „Вреди“, пак, велат дека без оглед што немале жена носителка на листа за пратеници, посветуваат исклучително внимание на родовата еднаквост.
„Не живееме во илузија дека жените соодветно на нашите идеолошки заложби се застапени како избрани и именувани лица. Има три жени заменик-министерки, кадри на ’Вреди’. Не затоа што не веруваме во нивната способност да се справат со предизвиците, туку затоа што во распределбата на првите должности во законодавната и извршната власт кои се во надлежност на ’Вреди’ беа номинирани тројца од лидерите. Јавноста со право очекува повеќе жени на раководни позиции. Во наредниот период ќе вложиме вонредни напори за балансирање на оваа состојба, особено на претстојните локални избори“,
велат од коалицијата „Вреди“.
Родот и политиката беа тема на тркалезна маса што ја организираше Меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС, под наслов – „Пари, медиуми и избори во Северна Македонија – промовирање на инклузивно покривање на жените за време на избори на онлајн-медиумите“.
Билјана Бејкова, експертка за медиуми и родови прашања, смета дека постојната законска регулатива ги покрива традиционалните медиуми. Но, дека таа во најголем дел не ги опфаќа и порталите. Според неа, напорите за родова рамнотежа се надвор од формалните механизми за мониторинг и документите за саморегулација како кодекси, упатства и насоки. Па, предлага:
„Кога размислувавме во суштина што е важно, што може на пократка патека да се направи кога станува збор за саморегулаторните документи, е дека насоките што се применуваат за изборните процеси и медиумските кампањи за време на изборите, како што е овој кодекс што во моментов постои, може да се подобрат со поврзување на гаранциите за недискриминација исто така со рекламирањето и конкретно поттикнување на интеграцијата на родовата димензија при креирање кампањи, поставување платени реклами и сл. Тука може да се интервенира, според наша препорака и видување, и на пократка патека може тоа да се направи.“
вели Бејкова.
Меѓународната експертка за избори и родови прашања, Татјана Хилшер-Богусевиќ, смета дека има добри меѓународни практики при претставувањето на политичките кандидати. Таа вели дека родовата еднаквост може да се поттикне преку државното финансирање на политичкото рекламирање што го практикува и Северна Македонија.
„Оваа врска во основа го истакнува принципот дека јавните пари се тука за да им служат на целите значајни за јавноста што ја вклучува и родовата еднаквост. Таквите мерки што се однесуваат на родова еднаквост и го користат финансирањето како инструмент се присутни глобално во 30 држави. Заедничко за сите е што го поврзуваат финансирањето со бројот на кандидати, номинирани или избрани. Ова е за исходот од нештата. Но, исто така, може и да се дизајнирани и да се употребат за да влијаат на тоа како партиите ги користат фондовите наменети за нив, вклучително и за промовирање на жените во медиумите. Ова е за начинот на трошење на средствата за кој сакам да ве охрабрам да размислуваме“,
рече Хилшер-Богусевиќ.
Такви примери на меѓународно ниво има повеќе. Некои се поврзани со исполнување квоти. На пример, во Франција и Ирска, политичките партии се соочуваат со финансиски казни ако не ги исполнат утврдените родови квоти, што влијае на износите на државното финансирање што можат да го добијат. Јужна Кореја, пак, нуди финансиски бонуси за партиите кои успешно ги спроведуваат родовите квоти.
Тоа се некои од моделите за кои се препорачува да размисли да ги примени и земјава.