Според украинскиот претседател, самитот ќе покаже кој во светот навистина сака да стави крај на војната и кој ќе го покаже лидерството за промовирање на мирот, а не само да се залага за паузи помеѓу нападите
Ве молиме покажете го вашето лидерство во промовирањето на мирот, но на промоција на вистинскиот мир, а не да се залагате само за паузи помеѓу нападите. Ова денеска го изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој преку видеопорака на социјалните мрежи ги повика американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Си Ѓинпинг да се приклучат на претстојниот мировен самит, додека, како што посочи, неговата земја се бори да се одбрани од руските напади кои траат повеќе од две години.
Изминатиот период руските сили ги засилија воздушните напади врз градовите во Украина, а Зеленски се надева дека токму јунскиот состанок во Швајцарија ќе помогне да се зголеми меѓународниот притисок врз рускиот претседател Владимир Путин.

Според Зеленски, самитот ќе покаже кој во светот навистина сака да стави крај на војната и кој ќе го покаже лидерството во светот за промовирање на мирот, а не само да се залага за паузи помеѓу нападите.
„Апелирам до светските лидери – претседателот Бајден, лидерот на САД и претседателот Ѓинпинг, лидерот на Кина да дојдат на овој самит“,
рече тој.
„Русија ја водат луѓе кои не сакаат да создадат нормален живот, сакаат да уништуваат места и села, да ги делат луѓето и да ги избришат националните кордони преку војна. Не постои нација способна да води таква војна со свои напори. Потребно е учество на светските лидери. На светот, но и на самитот му требаат лидери кои не можат да бидат измамени од Русија. Поддржете го самитот со вашето лично водство и учество“,
рече Зеленски во видеообраќањето.
Русија рече дека не гледа поента во одржување на конференцијата, на која официјални претставници од руската држава не се ниту поканети.
Руската војска последните месеци освои неколку делови од источниот фронт, а се обидува да протурка подлабоко и да го освои североисточниот регион Харков.
Во интервју за Ројтерс минатата недела, Зеленски рече дека е клучно да се доведат што повеќе земји на маса на мировните преговори, кои треба да се одржат на 15 и 16 јуни во близина на Луцерн.