Во својот говор за кој доби овации, Зеленски ги критикуваше германските лидери за деловните интереси во Русија истакнувајќи дека мирот е поважен од приходите
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска преку видеоврска се обрати пред германскиот Бундестаг во Берлин.
На почетокот Зеленски беше поздравен со овации. Тој ги повтори темите од неговите обраќања и до британскиот Парламент и американскиот Конгрес, повикувајќи ги лидерите да преземат поголема акција за справување со агресијата на Русија.

Тој ја повика Германија да ја преземе „лидерската улога што ја заслужува“ и го повика канцеларот Олаф Шолц да го урне „ѕидот“ против слободата што Русија го подигнува во Европа.
„Сега постои ‘ѕид’ во Европа меѓу слободата и недостигот на слобода. Сè уште сте заглавени зад ѕид“,
рече Зеленски правејќи споредба од Студената војна.
„Но, овој најнов ѕид е многу посилен и ги спречува другите Европејци да ги видат страдањата во Украина“,
рече тој.
Тој упати критики и за неподготвеноста Украина да биде примена во НАТО.
„Нема место за нас на оваа маса“,
констатираше украинскиот претседател.
Тој го повика Берлин да ја поддржи кандидатурата на Украина да стане членка на Европската унија.
Зеленски, исто така, го критикуваше отсуството на акција од земјите на ЕУ пред инвазијата, велејќи им на пратениците дека санкциите дојдоа предоцна.
Тој ѝ се заблагодари на Германија за нејзината помош, но им рече на пратениците дека нивната поддршка „дојде предоцна за да се запре војната“.

„Зошто ‘никогаш повеќе’ не важи? Која е историската одговорност на Германија кон Украина денес?“,
праша тој.
Зеленски, исто така, ги критикуваше германските лидери за деловните интереси во Русија.
„Можевме да ја видиме вашата подготвеност да продолжите да соработувате со Русија и сега сме среде студена војна. И повторно ова е нешто што не успеавте да го видите. Сè уште се заштитувате себеси зад ѕидот што не ви овозможува да видите низ што минуваме“,
рече Зеленски.
Тој на крајот ја повика Германија да се справи со руската агресија и да воведе построги санкции кон Москва
„Мирот е поважен од приходите“,
им рече тој на пратениците.