Украинскиот претседател во најновото обраќање ги споменува бебињата со оглед дека во текот на претходната ноќ во засолниште во градот Херсон се родија две машки бебиња, а една ноќ претходно се роди и девојче во метрото во Киев кое жителите на главниот град го користат како скривница
Претседателот на Украина, Волдомир Зеленски, во ново обраќање вечерва порача дека ќе се борат колку што е потребно.
„Ќе се бориме онолку колку што е потребно за да се ослободи државата. Ако се раѓаат деца во засолништа дури и кога гранатирањето продолжува, тогаш непријателот нема шанси“,
порача Зеленски.
Тој своето обраќање го имаше преку видео кое го објави на повеќе социјални мрежи.
Во обраќањето тој се заблагодарува на лидерите од западните земји за помошта и поддршката посочувајќи и конкретни имиња со кои разговарал.
„Сите лидери се молат за нашите бранители, за душите на нашите херои кои ги дадоа своите животи за нашата Украина, за нашето единство и нашата победа“,
вели Зеленски.
Со пораката во однос на бебињата, украинскиот претседател алудираше на тоа што во текот на претходната ноќ во засолниште во градот Херсон се родија две машки бебиња, а една ноќ претходно се роди и девојче во метрото во Киев кое жителите на главниот град го користат како скривница.