На Граничен премин Табановце полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи ги лишиле од слобода Ј.Ф. (31) од с. Никиштани, Скопско и А.Б.(18) од Република Хрватска, со што е пресечен меѓународен транспорт на хероин наменет за Хрватска, информираат од МВР.
Во соопштението на полицијата се вели дека во прехранбени продукти, при претрес во автобус, биле пронајдени два килограми хероин.
„При контрола на автобус на туристичка агенција од Скопје, полициските службеници во координација со мобилен тим од Царинската управа, во багажот пронашле и одзеле околу два килограми хероин, со кој била исполнета амбалажа на разновидни прехранбени продукти“,
се додава во соопштението на МВР.
Во текот на истрагата било утврдено дека македонскиот државјанин Ј.Ф. е сторител на кривичното дело по член 215 од Кривичниот законик и против него денеска СВР Куманово до надлежното ОЈО Куманово ќе поднесе кривична пријава.