Дрогата, како што велат од ОЈО Скопје и од МВР, била сокриена во импровизиран бункер во подвозјето на возилото со скопски регистарски ознаки
Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, запленетиот кокаин е со улична вредност од приближно еден милион евра

Во координирана акција на Основното јавно обвинителство Скопје и МВР, вчера е спречен обид за шверц на поголемо количество наркотична дрога кокаин. При претрес на автомобил „бе-ем-ве X5“ во селото Горно Количани, полицијата пронашла 10 килограми кокаин со висока чистота.
Дрогата, како што велат од ОЈО Скопје, била сокриена во импровизиран бункер во подвозјето на возилото со скопски регистарски ознаки.
Против 26-годишниот возач е поведена истражна постапка за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.
Обвинителството ќе предложи мерка притвор за осомничениот поради опасност од бегство,можност за влијание врз сведоци и соучесници, како и веројатност да продолжи да врши кривични дела.
Од Обвинителството велат дека поради тоа што станува збор за големо количество дрога, јавниот обвинител наредил да се открие потеклото на кокаинот, неговата крајна дестинација и можни други инволвирани лица.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека возилото било управувано од 26-годишниот И.Е. кој е лишен од слобода.
Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, запленетиот кокаин е со улична вредност од приближно еден милион евра.
