Министерството за внатрешни работи информираше дека во две одделни акции пресечени се два канала за меѓународен транспорт на дрога, при што се запленети повеќе од 500 килограми марихуана.
Во акцијата што се одвиваше во текот на вчерашниот ден приведени се три лица, соопшти денеска портпароолот на МВР Тони Ангеловски.

Точната количина на марихуана се уште не е утврдена. Од МВР велат во тек мерењато и вештачењето на запленетата дрога во Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења.
Во првата акција пресечен е меѓународен канал за транспорт на марихуана од Косово преку Македонија и Грција за Турција. Досега се запленети 424 килограми марихуана, а приведено е едно лице.

„Запленетата марихуана на нарко-пазарот во Турција се проценува дека би достигнала цена од над милион евра. Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Обвинителството во текот на денот ќе поднесе кривична пријава против Д.Н. (47) од Скопје, за сторено кривично дело – „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” по член 215 ст.1 од Кривичниот законик. Во рамки на спроведенoто криминалистичко истражување утврдено е дека Д.Н. заради стекнување на противправна имотна корист заминал за Косово со цел да организира и изврши транспорт на марихуана од Косово преку Република Северна Македонија и Грција со крајна дестинација Турција“,
рече Ангеловски.
Во друга акција, независна од претходната, полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција- Сектор за недозволена трговија со дрога во координација со Регионалниот центар за гранични работи Југ, СВР Струмица, Агенцијата за национална безбедност и Армијата во близина на границата со Грција, атар на село Селемли, пресекоа канал за транспорт на дрога од нашата земја во Грција и запленија околу 93 килограми марихуана.
„Приведени се К.К. (28) –организатор на транспортот и С.К. (24)од с.Селемли., кои во моментот на вршење на кривичното дело биле затекнати до возило „шкода“ во кое била сместена марихуаната. Тие се обиделе да избегаат, но набрзо биле лишени од слобода. Извршени се пет претреси на подрачјето на Гевгелија, при што се запленети предмети поврзани со истрагата. Во врска со истрагата, постапува и полицијата на Грција со цел расчистување на случајот со овој канал за трговија со наркотици“,
соопшти Ангеловски.